Субхи Јакупи му пресуди на Теарце

Управен суд  оцени дека членот на ДИК од редовите на ДУИ Субхи Јакупи не смеел да го напушти гласањето на седницата за Изборно место 2011 во Теарце. Тоа е спротивно на закон и заради овој негов чин судиите на Управен суд сметаат дека целото решение за неприфаќање на приговорот на СДСМ од страна на ДИК со 4 гласа ЗА, 4 ПРОТИВ и еден воздржан е незаконито. Законот не предвидува воздржано гласање или напуштање на седница, туку само гласање за и против, затоа и комисијата е составена од 9 члена, секогаш да има мнозинство гласови за некоја одлука. Судот, всушност, воздржаното гласање на Јакупи го смета како глас ПРОТИВ.

Во образложението на Управен суд за прифаќање на тужбата на СДСМ за напуштањето на Субхи Јакупи на чинот на гласање се вели:

Основани се тужбените наводи за направени неправилности во постапката при донесувањето на оспореното решение, дека Државната изборна комисија оспореното решение, го донела во постапка и на начин кој е спротивен на пропишаните законски прописи а кои претставуваат гаранција дека органот пред се треба правилно да постапи, а потоа мериторно да одлучува и да донесе акт законит од формален и од материјален карактер. Имено, Државната Изборна Комисија оспорениот управен акт го донела со 4 гласа „за“ и 4 гласа „против“  го одбила приговорот на Коалицијата, а еден член на ДИК – Субхи Јакупи, пред почетокот на гласањето ја напуштил просторијата и воопшто не гласал. Судот наоѓа дека од формално правен карактер не постои законска претпоставка за донесување на предметната одлука, ова од причини што  деветиот член на ДИК – Субхи Јакупи, и покрај неговото учество во материјалната расправа по предметниот приговор, не може да се смета како воздржан глас бидејќи ја напуштил просторијата пред почетокот на гласањето, со изговор „се изземам од гласањето“, кое нешто е во спротивно на член 31 став 2 алинеја 34-б од Изборниот законик и член 40 став 4, став 5  и став 6 од Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори.

 

Согласно член 10 став 2 точка 34(б) од Законот за измени и дополнување на Изборниот законик (Службен весник на Република Македонија бр.196/2015), Државната изборна комисија донесува одлуки со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на комисијата. При одлучувањето членовите на Државната изборна комисија ќе се изјаснат со „за“ или „против“. Не е дозволено изјаснување со „воздржан“ и во случај на такво изјаснување, таквиот глас ќе се смета како изјаснување „против“. Според точка (в) од истиот член,  одлука на Државната изборна комисија се смета за донесена доколку за истата гласале мнозинство од вкупниот број на членови на комисијата.

 

Во конкретниот случај, седницата на Државната изборна комисија беше започната на ден 15.12.2016 година, а завршена на ден 17.12.2016 година, јавна и пренесувана во живо на медиум и пред почетокот на гласањето за одлуката по приговорот УП1 бр.10-488 од 13.12.2016 година, за гласачко место 2011 Општина Теарце Изборна единица бр.6, седницата ја напушти членот на ДИК – Субхи Јакупи, излезе од просторијата и воопшто не гласаше, а за оспореното решение  од присутните членови при гласањето има 4 гласа „за“ и 4 гласа „против“. Предвид наведеното, а имајќи предвид дека според уводот на  оспореното решение, Државната изборна комисија го донела во состав Александар Чичаковски – претседател, Реџеп Прекопуца потпретседател и  членови Атанас Уримов, Сашо Срцев, Силвана Бонева, Виолета Дума, Игор Милев и Бедредин Ибраими, односно решението е донесено во состав од 8 членови на Државната изборна комисија, Судот оцени дека решението е незаконито. Имено, напуштањето на седницата од страна на еден член на комисијата за време на гласањето, а кој присуствувал цело време на расправата по приговорот,  не може да се смета како воздржан глас, што упатува на заклучок дека оспореното решение, е донесено во постапка и на начин кој е спротивен  на член 10 став 2 точка 34 (б) и точка (в) од Законот за измени и дополнување на Изборниот законик (Службен весник на Република Македонија бр.196/2015), во кој е утврдена постапката и на начинот на кој Државната изборна комисија донесува одлуки. Според судот, изјаснување со „воздржан“ ќе се смета како изјаснување „против“ само доколку лично  е искажано  на седница на Комисијата.

АКО.мк актуелно-објективно