Судот во Хартфорд, главен град на Конектикат во САД, закажа рочиште за 22 февруари на кое ќе биде изречена казната за психијатарот Људмил Кљусев за дело поврзано со измама во здравстото. Како што пишува во објавата за рочиштето во судскиот календар, пресудата ќе биде објавена во 14 часот по локално американско време, на 22 февруари 2017 година.

Синот на поранешниот македонски премиер Никола Кљусев, Људмил Кљусев, според обвинението на  американското обвинителство е обвинет за продажба на лекови на рецепт на лица кои немале медицинска потреба од тоа. Според обвинителката во случајот  Диадри Дејли „Докторот продавал контролирани супстанции од неговата ординација за пари, како вообичаен дилер на дрога“. Ова таа го рече во образложението пред судот на рочиштата што се одржаа минатата година и додаде:

 „Со зголемена фреквенција откриваме дека видовите на таблети кои ги дистрибуирал, придонесуваат за смртни случаи од предозирање со дрога. Тие се неверојатно опасни ако се земаат несоодветно и се особено токсични ако се комбинираат со опиоиди. Ние, задолжените за спроведување на законот, се залагаме за прогонување медицински професионалци кои невнимателно и незаконски ги ставаат овие и други лекови од рецепт на улица“-рече обвинителката Дејли.

За сериозноста на делото за кое го товари американското обвинителство говори и фактот што Људмил Кљусев се наоѓа речиси две години во притвор, од 12 ноември 2015 година, од денот кога беше уапсен.

Американските медиуми известуваа детално и редовно за овој случај, па така во еден од последните написи на весникот ,,Њу хејвен реџистер“ пишуваше дека Кљусев  склучил парнична спогодба со американското обвинителство, и и’ предал на федералната влада 200 илјади долари, како и ја признал вината дека продавал лекови како „дилер на дрога“.

 Во расправата пред американскиот окружен судија Алвин Томпсон, Људмил Кљусев се произнесе  дека е виновен по една точка за заговор за дистрибуција на контролирани супстанции и една точка за измама со здравствена заштита. Обвинението за дистрибуција носи максимална казна затвор од 20 години, а обвинението за измама со здравствена заштита носи максимум 10 години, соопшти обвинителството.

Во парничната спогодба потпишана од двете страни се наведува дека владата и одбраната се согласиле дека казна меѓу 26 и 77 месеци би била соодветна во овој случај.

Канцеларијата на американското правобранителство соопшти  дека Кљусев, исто така, се согласил да ги предаде на владата своите канцеларии во Милфорд, 173.095 долари, кои биле пронајдени во неговата ординација на денот кога бил уапсен, и дополнителни 117.431 долари што ги имал на деловна сметка. Тој, исто така, се согласи да плати надомест во износ од 76.983 долари.

Според обвинителите, Кљусев претходно одел во редовни месечни посети на Македонија за да се види со семејството и имал значителни средства во земјата, вклучувајќи и банкарска сметка со повеќе од 800.000 долари.

Во писмената изјава во овој случај се тврди дека Кљусев продавал рецепти за „адерал“ и „ксанакс“ за пари и препишувал повеќе отколку што им било потребно на пациентите. Готовината што била земана за рецептите и услугите се депонирала на деловна сметка, а потоа била повлекувана за да се платат лични трошоци, се наведува во писмената изјава.

Федералните обвинители се изјаснија на претходните расправи дека при претресот на куќата на Кљусев иследниците пронашле 200.000 долари во готовина и неколку шишенца со таблети кои одат на рецепт наменети за пациенти кои не се дел од семејството на Кљусев.

Душан Босотов, вработен кај Кљусев, исто така, беше уапсен во 2015 година и обвинет за слични кривични дела. Според писмената изјава, иследниците сметаат дека Босотов препишувал рецепти кога патувал Кљусев. Според канцеларијата на американското јавно обвинителство, Босотов, кој е ослободен со кауција од неговото апсење, добил претпарнично пренасочување, што значи дека обвиненијата против него ќе се повлечат за 18 месеци ако не го прекрши законот во тоа време.

 

Извор: агенции, „Њу хејвен реџистер“

UNITED STATES DISTRICT COURT

District of Connecticut