Судот ги крие сослушувањата на обвинетите од СЈО

Основен суд Скопје 1, ги искара новинарите дека со прашањата за сослушувањето на функционерите од ВМРО ДПМНЕ по оформените предмети од СЈО, прават спектакли. Од тие причини, судот не сака да учествува во кршење на пресумпцијата на невиност на странките- велат од судот.

Во нивното соопштение се вели-,,Во врска со повикување на сослушување на лица опфатени во истражни и предистражни предмети кои ги води Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ), ја информираме јавноста дека со оглед дека со постапките на СЈО се прават спектакли со кои секојдневно се занимава јавноста преку прес – конференции и телевизиски излагања, а истовремено не се води сметка за пресумцијата на невиност и законитоста на постапките, судот, респектирајќи го дигнитетот на судската власт, нема да учествува во ваков вид на спектакли туку наместо тоа отсега благовремено и прецизно ќе ја информира јавноста за сите донесени одлуки преку соопштенија.

Од тие причини како суд за сите информации поврзани со истражни и предистражни постапки на некое од обвинителствата во Р.Македонија, ве упатуваме да се обратите до странките во постапките, бидејќи судот ги почитува уставно загарантираните права на сите страни во постапките”.

Досега, Основен суд имаше друга практика и никогаш не застана во одбрана на дигнитетот на судот или пак пресумпцијата на невиност на обвинетите или осомничените. Напротив, во нивната изложеност пред јавноста и камерите им помагаа и од МВР со спектакуларни внесувања во судот на приведените со лисици на рацете.