Судот го одби барањето да се оспори самостојниот настап на Левица

Политичката партија Левица преку својот ФБ профил соопшти дека добиле известување со кое Основниот суд Скопје 2, со РЕШЕНИЕ бр. II Bпп-2 -164/16, го одбил барањето, како што велат, на инфилтраторите за забрана за спроведување на легитимната одлука на Левица за самостоен настап на изборите. Ова барање судот го отфрлил како неосновано!

Ова е уште еден правен пораз, велат од Левица, на обидот на некои инсајдери и саботери да се оневозможи учеството на Левица на предвремените парламентарни избори.

Одлуката е статутарна и легална, уште повеќе донесена во демократска постапка, изгласана од мнозинството членови на Централниот комитет (највисокото раководно тело помеѓу два редовни Пленуми), по претходна консултација со членовите на локалните организации на Левица.

Важно е да се напомене, информираат од оваа левичарска партија, дека огромното мнозинство од базата на Левица зазеде став за самостоен настап на предвремените парламентарни избори.

,,Левица не потклекнува пред овие обиди за саботажи и замешателства, досега невидени во политичката историја на Македонија.

Левица со својата креативна кампања ќе успее да стане парламентарна партија и да се бори за интересите на најзагрозените категории во нашето општество,, -се додава во известувањето.

Инаку, на почетокот на кампањата во јавноста излегоа информации дека извесен член на Левица, го оспорил пред судот самостојниот настап на изборите, наводно, како одлука само на поединци, а не и сите ќленови на Левица.

Здравко Савевски кој е носител на листа во ИЕ 5 тогаш изјави дека не постои таков член во нивните редови, како што се претставува подносителот на претставката во судот.