Судот не му издаде Наредба за пребарување на телекомуникациски оператор на СЈО

 

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје составен од судиите Владимир Панчевски како претседател на советот и судиите Дијана Груевска Илиевска и Љубинка Башевска, како членови на советот и по втор пат одби да издаде наредба за пребарување на компјутерските системи кај телекомуникацискиот оператор, потврдувајќи ја несогласноста која ја изразил судијата на претходна постапка.

Судот го користи истото образложение за наводно нејасно и непрецизно барање, иако во барањето јасно е наведено дека се бараат компјутерски податоци складирани во сервери, а кои се однесуваат на записи од кои може да се утврди кои сé телефонски броеви биле предмет на следење на комуникациите.

Исто така за Судот е нејасно како ова Jавно обвинителство ја утврдило локацијата на серверите, иако во јавноста веќе беше објавено дека ваквите податоци се обезбедени токму од телекомуникацискиот оператор. Во оваа насока сакаме да истакнеме дека Судот тврди дека уредите за кои е побаран претресот „се сервери кои се преносливи, односно се уреди кои можат да ја променат својата моментална локација“, без да каже на кои докази го базира ваквото становиште. Потсетуваме дека претходната наредба за пребарување на компјутерски системи беше одбиена токму поради нејзина наводна непрецизност околу локацијата на серверите на кои е потребно да се изврши претрес, па нејасно е зошто Судот го менува ставот околу потребата од дефинирање на локацијата каде се наоѓаат серверите.

Воедно Kривичниот совет во ист состав ја одбил како неоснована и жалбата изјавена против решението на судијата за претходна постапка – Елена Јосифовиќ со кое беше одбиено нашето барање за одземање на компјутери од Управата за безбедност и контраразузнавање.

Напомнуваме дека согласно член 41 од Законот за кривична постапка заради остварување на функцијата на кривично гонење јавниот обвинител е оној кој раководи со предистражната постапка, а согласно член 291 од истиот закон, истражната постапка ја спроведува исто така јавниот обвинител. Имајќи го предвид наведено, како и фактот дека од страна на судии во истиот суд веќе се издавани наредби за одземање на предмети и пребарување во компјутерски системи по однос на истиот предмет на истражување, нејасно е зошто речиси без исклучок се одбиваат барањата кои ова Јавно обвинителство ги упатува, а по кои постапуваат споменатите судии.

Сакаме да укажеме и дека едното решение е донесено на 29.11.2016 година, додека другото на 01.12.2016 година, но двете се доставени денес, со што се повторува праксата на Судот, доставата на одлуките со кои се одбиваат барањата на ова Јавно обвинителство, најчесто да се врши во петок.

Исто така ја известуваме јавноста дека се уште не ни е доставен записникот од одржаното рочиште за подготовка на главната расправа кај судијата Лидија Петровска.

 

Соопштение на СЈО