Судот прифати да ги достави доказите до одбраната на Заев за случајот ,,Поткуп“

Судот прифати да ги достави доказите на обвинителството за случајот ,,Поткуп“, во кој првообвинет е лидерот на СДСМ Зоран Заев за наводен поткуп во времето кога беше градоначалник на Струмица. Обвинителството доказите ги обезбеди со тајно снимање на разговорот меѓу наводниот поткупувач и Заев.

,,Денеска сме овде за да ја докажеме нашата невиност во случајот „Поткуп“, побаравме согласно законот, нашето право да ни биде овозможено да добиеме докази на коишто Јавното обвинителство го темели своето обвинение против мене за поткуп. Тоа право судот го прифати, ќе ни биде овозможено да добиеме препис или копија од доказите врз основа на кои се темели обвинението, за да можеме да влеземе со воведни зборови на 4 мај во 10 часот кога ќе почне судското рочиште со воведни зборови на нашата одбрана и на обвинителството“-изјави Заев по денешното појавување пред судот.

 


Исто така одбраната ги бара наредбите за посебните истражни дејства:

,, Наредбите ги бараме уште од самиот момент на предистражна и истражна постапка, на донесување на обвинителен акт и како што гледате до денеска не можеме да добиеме препис од наредбите за да можеме да ја видиме законитонста на начините на постапката на обезбедување на посебните истражни мерки и моето телефонско слушање на двата телефонски броеви. Во другите случаи, на пример во „Пуч“ тоа ни беше овозможено. Тоа е право на одбраната да има свој увид. Во овој случај тоа не е овозможено, ние искрено се сомневаме во незаконитоста на постапката, на обезбедувањето на посебните истражни мерки имајќи  предвид дека државното јавно обвинителство токму овие прислушувани разговори си ги разгледува секојдневно, си создава нови предмети, си шири нови истраги, си отвора нови предистражни постапки, сосема различни од оваа. Сето ова ни индицира сериозно сомневање за законитоста во постапката на посебните истражни мерки коишто се составен дел од самото темелење на докази за обвинението, каде се работи точно за следење на моите телефонски разговори“-рече Заев.