Судот треба да одлучи за притвор и одземање патни исправи

До крајот на денот треба да се знае, дали Кривичен совет во Основен суд Скопје 1- Скопје ќе одлучи да го прифати барањето поднесено од СЈО за определување мерка притвор и одземање пасоши за осомничени во случајот Трезор.

Кога одлучуваше по претходни поднесоци, од судот информираа дека кривичните совети вообичаено се состануваат во попладневните часови.

Во текот на вчерашниот ден до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, а во врска со истрагата во предметот „Трезор“ поднесен е предлог за определување на мерки за претпазливост за три осомничени лица, со кои е побарано од Судот да ги одземе патните исправи на овие лица, соопшти вчера СЈО.

Воедно, за едно осомничено лице побарано е определување на мерка притвор поради опасност од бегство, постоење на основан страв дека лицето ќе ја попречува кривичната постапка и постоење на особени околности кои го оправдуваат стравот дека лицето ќе го повтори делото.

До Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесено е и барање за донесување на привремена мерка- забрана за користење и располагање со трансакциската сметка на правнато лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.