Сѐ се исуши, сѐ е пеплосано!

Пишува: Емилија Лазаревска

( насловот и текстот не се само за тревата, не се за дрвата, не се за ѓубрето, туку се за луѓето)

Вегетацијата во Паркот на езерата е на изумирање. Сѐ се суши. Секоја грмушка, секое дрво, тревичка се борат со последните атоми од своите кревки тела за да преживеат. Молат за капка вода, ги преколнуваат луѓето , фонтаните околу нив, езерцата со валкана измочана вода, но никој нема милост.

Залегнати пензионери катадневно денгубат на клупите и сонцето, но во нив не останала душа. По една чаша вода на секој од овие јадници погоре да фрлеа, ќе ги оставеа во живот. Не, не им пречи што живиот свет околу нив умира пред нивни очи. Тие се пензионери, си ја живуркаат полека пензиичката, не им пречи да седат со часови без никаква активност, мислат тоа е заслужена пензија. А само една голтка вода исплукана во коритото на дрвото што го штити од сонцето, можеби ќе го спасеше да го штити и идната година.

Гледам навидум пристојна жена , како го чува и шета со своето внуче. Внучето со рачињата го фаќа млазот вода од чешмичката за пиење вода, прво пред мојот влез, а потоа и сите други во паркот во изумирање, и прска наоколу.

Ѝ велам ,,Си најде детето занимација…“ – се разбира со иронија и прекор во гласот, а бабата на детенцето ми одговори…,,А да, ја наводенува тревата“, што е лага , бидејќи детето прскаше наоколу неконтролирано, на плочките и по стеблото на едно дрво во близина.

Бабата го бодреше и му велеше ,,браавооо..“.

Ете така се воспитуваат деца. Наместо да му објасни зошто не треба да прска наоколу и да му каже дека тие чешмички се поставени за пиење вода, а не за играње, бабата мене ме лаже дека ја прска тревата. И си мисли ѝ верувам, а таа продолжува да го бодри внучето да прска наоколу од чешмичката за пиење вода по плочникот.

Не туку за џабе се рекло дека воспитувањето си го носиме од дома. Би додала, и она доброто попат се расипува надвор.

Па затоа, како нож ме сечат зборовите на дечиња што си играат пред нашите дворови, во парковите …,,мрсул ниеден“, ,,гомно смрдено“, ,,дебил“, ,,стока“…се само некои од епитетите во меѓусебната комуникација.

Што мислите, каде го слушнале тие ова?

Вистинска реткост е дете да ти каже добар ден, да ти се обрати со Вие, па затоа музика за уши ми беше неодамнешното обраќање на две соседски деца, чинам братче и сестриче, кои заѕвонија да им ја подадам топката што падна во дворот. Ми рекоа ,,добар ден, се извинуваме дали може …“, а потоа ,,благодарам “ и ,,пријатно“. Се стопив. Значи, не се сите исти. Има надеж.

Сакам да има надежи за нешто поголемите деца кои се на прагот на полнолетството и секоја вечер на клупите го оставаат своето ѓубре зад себе,чаши, шишиња, остатоци од храна…а потоа наутро комуналците собираат по нив. И вечер пак и пак…секој ден исто, секоја вечер, секое утро.

Доаѓаат седнуваат, ги черечат капаците на канделабрите, ги гасат светлата и длабоко во ноќта…денгубат. А корпите за отпадоци се само на неколку чекори од нив.

Да се вратам на исушениот живот во Паркот на езерата. Таму има систем за наводнување кој не функционира и не се користи. За него се дадени народни пари. За зеленилото во овој парк и насекаде низ Скопје, исто. И сето тоа пропаѓа. Дали некој може да каже колкава штета е направена и зошто толку лесно се фрлаат парите на граѓаните? Како може тие исти граѓани да не ги поставуваат овие прашања? Зошто не ги интересира? Како може да не им пречи тоа што го гледаат околу себе? Зошто не се грижат за својата околина како за нешто свое, бидејќи, не знам дали знаат, на крај сето тоа ние ќе го платиме? Од каде оваа незаинтересираност и рамнодушност?

Толку ли е богата оваа држава, па пак и пак да троши пари за нешто што е веќе направено?

Не сакам да верувам во теоријата на еден мој пријател дека намерно сѐ се запустува за да се распишат нови тендери за системи за наводнување, зеленило, канделабри, бекатон плочки…наводно затоа што таму се најголемите провизии.

Нејсе…Скопје изгледа очајно. Колку и да се трудат овие градоначалници, не успеваат или не знаат да воспостават одржлив систем за минимум квалитетен и пристоен живот. Ниту за луѓето, ниту за растенијата, ниту за животните.

Треба ли да кажам колку тешко го поднесов убиството со секира,без никаква причина, на двете бездомни кучиња во мојата населба? Не можам да се соземам со денови, па дури еден ФБ статус да напишам, иако ме прашувавте зошто молчам?

Не сум се исплашила , не се грижете. Барем не за мене. Се грижам дали еден ден некој монструм може тоа да им го направи без никаква причина на Лео, на Рекс, на Блеки (кој привремено е отсутен, претпоставувам поради љубовни причини) и на крајот на Цезар, кој е дел од нашето семејство , од нашите животи. Цели 10 години.

Како овој човек се вратил дома, со какви раце, каде ја оставил крвавата секира, дали тоа го виделе неговите деца, ако ги има?

Дали овој човек поминува покрај мене?

Многу ми е жал за луѓето кои не поминале ниту еден ден од своите животи со некој миленик, или не фрлиле една коска на така наречените улични кучиња, луѓето кои не биле трогнати од тие кучешки очи, како што нѐ трогнуваат нас, кои живееме, растеме и се радуваме со нив. Кучињата.

Не знаете што пропуштате.Не знаете…

И сега за оние што и сега нема да ме разберат што пишувам и не сфаќаат зошто моја преокупација последните години се некои други теми, а не голата политика и политичарите или состојбата во новинарството, кое е олицетворение на таа политика.

Од мојата најголема професионална љубов-телевизиското новинарство, бев отстранета, па ако сакате и избркана, без моја вина , не по моја волја.

Дотогаш, целиот мој живот беше подреден и планиран според работните обврски. Сѐ можеше да трпи, но работата на која ѝ бев искрено посветена – не.

Кога ве мелат секојдневните обврски, работа, деца, семејство, немате време да забележите некои појави околу вас и да укажувате катадневно за нив.

Сега, длабоко анализирајќи го менталитетот на луѓето, доаѓам до заклучок дека тоа е основата на сите наши проблеми. Доколку секој од нас би посветувал должно внимание на ова, и покрај своите секојдневни обврски, ние не би биле на ова дереџе.

Можам секој ден да пишувам за Катица Јанева, тука не го вбројувам информирањето како обврска, можам секој ден да филозофирам што рекол Заев, а што Мицкоски, можам да се чудам зошто професорот Калајџиев некако се сврте, и неможејќи да им прости за извисувањето со СЈО, ете начека момент на слатка одмазда, па можам да додадам дека една слика вреди илјада зборови ( мислам на онаа со Калајџиев и Владимир Пешевски) , можам, ама не сакам. Просто, не ме интересираат веќе.

Мене ме интересира нашиот менталитет. Нашот капацитет да се справиме со него. Мене ме интересира секојдневниот реален живот.

Како да ги поправиме тие работи, како да станеме подобри и поквалитетни луѓе, подобри родители, подобри политичари, подобри новинари… Тоа ме интересира.

Ме интересира како да ги вратиме новинарите на терен, притоа не мислам на бесконечното чекање изјави, како да не им биде идеал салонскиот журнализам, како да уживаат правејќи прилог за темите за кои пишувам погоре, за ѓубрето, депониите, некултурата, неказнивоста, неасфалтираните патишта, смрдеата во автобусите, уништеното општо добро.

Како да сфатат дека слаткоречивоста на политичарите кои ги викаат на кафе и на приеми е исклучиво од интерес и ништо друго. Како да направат професионална дистанца меѓу работата и приватното, како да сфатат дека нивна работа е да носат вести, а не дека тие се веста…

Мене ме интересира да се врати дигнитетот на мојата професија, а сопствениците на медиумите и политичарите да го остават новинарството на новинарите.

Мене ме интересира дали оваа држава има место за вистинските професионалци и до кога нивното место ќе се пополнува со аматери, послушници и голи кариеристи.

Копнеам да се врати достоинството на новинарската професија и да се утврди вистинската цена на новинарскиот труд.

Ако ве интересира ова што го пишувам, добро. Им благодарам на тие, значи ќе нѐ биде.

Ако не, сме го обрале бостанот, кој оваа година не беше тоа што треба да биде. Беше како тиква.

Ете, тоа сакав да ви кажам…

( Емилија Лазаревска е основач и Главен и одговорен уредник на портал АКО.мк. Професионален новинар е од 1986 година кога, како студент на новинарство, почна да работи како хонорарен соработник во Телевизија Скопје, каде стекна богато новинарско искуство. На почетокот на деведесетите беше вработена во МТВ на неопределено време. Во 1998 година ја напушти МТВ и оттогаш, од самите почетоци и формирањето на телевизијата, па сѐ до 15 јуни 2016 година, работеше во Телма како новинар и уредник. Во нејзината 18 годишна кариера во Телма учествуваше во формирањето на редакцијата на вестите, а 13 години беше Одговорен уредник на вести)