СЈО ги бара сите документи за прислушувањето од 2008 до 2015

Двете судски наредби што ги обезбеди СЈО за влез во УБК, ќе им овозможат на обвинителите да го прочешлаат целото работење на Управата за безбедност и контраразузнавање, која беше под контрола на Сашо Мијалков од 2006 до 2015 година. Во тој ист период министер за внатрешни работи беше Гордана Јанкуловска. И двајцата под притисок на опозицијата, јавноста и меѓународната зедница се повлекоа од функциите по избивање на најголемата афера од осамостојувањето на Македонија. Опозицијата пред скоро две години го откри скандалот со прислушувани разговори, кои како што утврди СЈО во дел од своите истраги, ги вршеле високо позиционираните функционери во МВР кои се уште се дел од раководните структури на ВМРО ДПМНЕ.

Како што изјави Специјалната обвинителка Катица Јанева во паузата од контролата во УБК која ја побарале присутните од Управата, во просториите е постојано Митко Чавков , иако тој во моментот е Заменик на министерот. Актуелен директор на Управата е Владимир Атанасовски, кој доаѓа од Управата за финансиско разузнавање.

Јанева реагираше на присуството на Чавков , кој заедно со уште неколку полицајци го оневозможуваат работењето на обвинителите и врши притисок врз нив . Но, Специјалната обвинителка повикала уште неколку обвинители и најави дека ќе останат да работат цела ноќ.

Откако изби аферата ,,Бомби” , Мијалков и уште неколку соработници во МВР ја уништија целата опрема, претходно набавена преку сомнителната компанија ,,Финзи”, чиј сопственик беше Коста Крпач, кој во меѓувреме, според службените информации, се самоуби.

СЈО оформи предмети и за уништувањето на опремата, но и за злоупотреба на над 800 илјади евра пари од буџетот, при набавака на опремата од Велика Британија.

Пратениците од владејачкото мнозинство во неколку наврати се обидоа да донесат закон со кој ќе се забрани понатамошно јавно објавување на веќе објавените ,,Бомби” од страна на опозицијата.

Во најголемиот скандал во историјата на државата кој го откри опозицијата, биле прислушувани над 20.000 граѓани повеќе од 7 години. Опозицијата на СЈО му предаде над 540 илјади фајлови со прислушувани разговори.

Тие на нивните прес конференции објавија само четириесетина, кои предизвикаа двегодишна политичка криза и целосно поместување на ВМРО ДПМНЕ од лагодната позиција која ја имаше до избивање на скандалот.