СЈО ги обезбеди сите докази од УБК

Заврши постапката на прибавување компјутерски податоци од помошните сервери во Управата за безбедност и контраразузнавање, а кои беа обезбедени со судска наредба. Со тоа СЈО ги прибра сите потребни доказни материјали за предмет по кој постапува , а се однесува на  прислушување и уништување на системи за прислушување .

,,Во текот на денешниот ден, со помош на надворешен експерт обезбеден од производителот на помошните сервери кои се во сопственост на телекомуникациските оператори, а физички се наоѓаат во Управата за безбедност и контраразузнавање, беше извршено одземање на сите податоци од помошните сервери согласно судската наредба. Појаснуваме дека предметот е во предистражна постапка и во овој момент не сме во можност да обезбедиме дополнителни информации. Одземените податоци ќе бидат предмет на анализа и нашите наоѓања ќе бидат благовремено споделени со јавноста.

Сакаме да појасниме дека спроведувањето на судската наредба од страна на надворешниот експерт беше овозможено од Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, а дополнителни гаранции беа дадени и од Министерот за внатрешни работи”  – извести СЈО.

Обезбедувањето на доказниот материјал од УБК трае од минатиот петок кога обвинителите и истражителите на СЈО наидоа на опструкции од директорот на УБК и Директорот на Јавна безбедност, како и дополнитлниот заменик министер во МВР. По дводеневната јавна бркотница по доказниот материјал и инсистирањео на СЈО да ги обезбедува физички потребните докази, министерот Спасовски гарантираше безбедност на доказниот материјал. СЈО ги напушти просториите на УБК со делумно обезбедени докази, а по петдневно чекање на стручно лице, денеска се обезбедени сите записи и од прислушувањето кое се вршело во изминатата година и пол.