СЈО бара на рочиште за ,,Пуч” да дојде сведокот Груевски

По неколку одложувања,  во Основниот суд Скопје 1 треба да се одржи рочиште за случајот „Пуч” каде му се суди на   претседателот на СДСМ Зоран Заев, а главен сведок е претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

Последното рочиште беше одложено поради болен поротник, но не се појави и  Груевски, како впрочем и на претходните неколку рочишта.

Предметот „Пуч“ на почетокот беше воден од Основното јавно обвинителство, но од неодамна премина во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

Тогаш почнаа и проблемите со преземање и на доказите кои ОЈО не брзаше да им ги предаде на СЈО. Тимот на СЈО почна да ги разгледува доказите директно во судот, а Апелацискиот суд дозволи СЈО да ги преземе сите документи во врска со предметот.
Во предметот „Пуч“, за неовластено прислушување покрај Заев, обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во МВР и вработен во струмичката општина Бранко Палифров.

 Предметот ,,Пуч” МВР го оформи на почетокот на 2015-та година, а на 31 јануари  излезе со  опширно соопштение во кое извести за што ги сомничи четворицата. Како повод за истрагата беше средбата на Заев со Никола Грувски во текот на есента 2014 во кабинетот на тогашниот премиер , кога лидерот на опозицијата практично го предупреди дека поседува снимени материјали од прислушувани разговори кои ги дискредитираат и инкриминираат Груевски и неговите најблиски соработници.

Оваа средба беше тајно снимена од страна на службите, а потоа користена како доказен материјал во процесот.

„Министерството за внатрешни работи за прв пат во историјата на независна Македонија реализираше случај во кој е сузбиен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, односно суспендирање на вољата на граѓаните. Според  досега прибавените докази во рамки на Оперативната обработка „Пуч“, осомничените лица, преку употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање со упатување на сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги“, стоеше во соопштението на МВР.

Зоран Верушевски помина неколку месеци во притвор во притвор, но  под сомнение за други кривични дела, како на пример недозволено поседување оружје, иако за пронајдениот пиштол по претресот во неговиот дом тој поседувал дозвола. Во притвор беа и останатаите двајца осомничени. Во пријавата од МВР за Верушевски пишува:

„Првопријавениот, во периодот од 2012 година до денес, прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на надлежни државни органи во Р.Македонија во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци кои што се однесуваат на општествено-политичките, економски, безбедносни состојби во Р.Македонија, со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи. Во вршењето на кривичното дело активно му помогнала неговата сопруга, со ставање на средства на располагање за извршување на кривичното дело, како и на средствата со кое е извршено истото. Истата на својот службен компјутер на работното место, вршела превод на документи и податоци на англиски јазик, кои и ги давал осомничениот, за тој потоа преведени да ги предаде на странска држава, организација или лице што им служи“.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, се товари дека на средби со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него со информации кои му ги доставил првообвинетиот Верушевски.  Заев е осомничен за кривичното дело насилство спрема претставници на највисоките државни органи стoрено во обид.

„Четвртопријавениот остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со Претседателот на Владата на Република Македонија, на 28.09.2014 година, на 09.10.2014, на 31.10.2014 и на 17.11.2014 година. На средбите и комуникациите пријавениот на Претседателот на Владата на Република Македонија, јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни, службени и државнички функции во Република Македонија. Заканата ја конкретизирал со тоа што од него како Претседател на Владата на Република Македонија и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, побарал да ги прифати неговите барања за формирање на „Техничка Влада“, а потоа да се распишаат предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија. За возврат пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците. Ваквите податоци, четвртопријавениот ги добивал од првопријавениот, со кого остварил повеќе тајни средби, со посредство и помош на третопријавениот“,се  наведува во пријавата од МВР против Заев .

 

Јавното обвинителство до судија на претходна постапка поднесе барање за мерка притвор против  Верушевски, неговата сопруга и вработениот во Општина Струмица.  За Заев е поднесен предлог за определување на мерка на претпазливост и тоа обврска да се јавува на определено службено лице, како и одземање на патната и друга исправа за преминување на државна граница.

Заев неколку месеци се јавуваше редовно во судот пред определено службено лице, но откако случајот премина во надлежност на СЈО, укинати се сите мерки, а притворените пуштени на слобода.