СЈО предупредува дека предистражните постапки се тајни и не смеат да се објавуваат детали во јавност

 

,,Недозволиво е државни институции да им овозможат увид на лицата за кои се вршат проверки во видот и карактерот на проверките коишто ги врши ова Јавно обвинителство, согласно законските овластувања и прописи.Укажуваме дека државните институции се должни  да преземат мерки со кои ќе се оневозможи јавно објавување на податоци за предистражни постапки кои, согласно законските прописи, се тајни“ се вели во реакцијата на СЈО по објавување на нивните дописи до Управа за јавни приходи и Министерство за транспорт од страна на Антонио Милошоски кој на ФБ се жалеше дека СЈО ја проверува неговата имотна состојба.

Што се однесува до неговото подигрување дека СЈО проверува дали е тој сопственик на воздухоплов-авион, од СЈО велат дека кога се фрши финансиска истрага за некое лице или фирма, се бара известување од сите државни институции кои може да имаат податоци за неговата финансиска состојба. Тоа значи може да се проверува дали е сопственик, на трактор, авион, брод, нива, кокошарник и слично. Така е според закон. Она што не е според закон е што државните институции или нивните раководители не смеат да изнесуваат во јавност детали од тие предистражни постапки. Постои сомневање дека директорот или дури и министерот ги доставиле овие податоци до Милишоски. Тој пак, според закон, исто така не смее да објавува детали или документи од предистражна постапка.

Од Специјално јавно обвинителство додаваат дека се водат повеќе предистражни постапки кои  се заради спроведување на финансиски истраги против поголем број физички и правни лица. Целта на овие предистражни постапки е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење. Проверката на имотната состојба подразбира детални проверки за целокупниот имот што лицата може да го поседуваат и тоа, како недвижен, така и подвижен имот.

Во оваа насока испратени се голем број  барања до различни институции, со напомена дека бараните податоци се во врска со предистражни постапки.