СЈО продолжува со ,,Топлик” и ,,Тендери”

Обвинителката Фатиме Фетаи објави две нови истраги на СЈО под кодно име ,,Топлик” и ,,Тендери”.

Во првиот случај ,,Топлик” таа рече дека се работи за злоупотреба на службена положба на вработени во Министерство за транспорт и врски, во период од 2007 до 2013. Првоосомничен од Министерство за транспорт и врски, и 5 лица од Комисија за јавно наддавање, иако знаеле дека јавната набавка е спротивна на закон,се согласиле со нејзиното постапувања и со тоа го оштетиле буџетот за 64 206 839 денари или еден милион и 44 илјади евра.

Отако првоформираната комисија ја информирале првообвинетата дека не се исполнети услови за јавно наддавање за отуѓување државно земјиште за Сончев град, таа формирала нова комисија за да ја оствари намерата. Членовите на новата комисија по еден ден, на 04.04.2007-ма година, иако знаеле дека не се исполнети условите, пристапиле кон издавање согласност за јавно наддавање за отуѓување градежно земјиште сопственост на РМ.

По јавното наддавање, дале предлог со најповолниот понудувач да се склучи договор за купопродажба.

Првоосомничената склучила договор со САН-СИТИ -Скопје за купопродажба на земјиштето. Но, правното лице заради неможноста да го спроведе , заради низа правни пречки, го раскинал договорот.

По раскинување на договорот, му е исплатена затезна камата на САН-СИТИ од над еден милион евра,со што директно е оштетен буџетот.

Во вториот случај ,,Тендери”, во период од 2011 до 2013 во Скопје, првоосомничената, раководно службено лице од Министертсво за култура го фаворизирала ГТД БЕТОН -Штип, за завршни градежни работи на Музејот на ВМРО.

И тука се работи за злоупотреба на пари од буџетот во износ од околу еден милион евра.

Имено, до 31.12.2013 година, во Скопје, првоосомничената како раководно службено лице во Министерството за култура и уште тројца од комисија за јавни набавки, за правнито лице ГТД Бетон Штип прибавиле противправна финансиска корист. Тие вршеле фаворизирање на Бетон за извршување на градежни работи на објектот Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим.

Пред да се објави оглас за јавна набавка, првоосомничената донела одлука кој да ја добие и заврши работата.

Таа на 14.6.2011 година преку телефон со сведокот, генерален директор на Бетон Штип му кажала да продолжат со работа и да ги изведат сите работи, без да се чекаат 20 дена за нова јавна набавка.

Договориле да предвидат такви услови, што ќе ги исполни само Бетон Штип.