СЈО се подготвува за освојување на тврдината

По барање на судијката Лидија Петровска, Специјалното јавно обвинителство  обезбеди дозвола од Управата за безбедност и контраразузнавање за декласифицирање на  докази во случајот со уништување на службената документација  за предметот „Тврдина“. Но, според неофицијални информации од обвинителството, иако дозволата не се однесува на сите докази за кои побарале декласифицирање, на утрешното подготвително рочиште за предметот ,,Тврдина,, доколку се исклучи јавноста, СЈО ќе може да ги презентира пред судот сите докази со кои располага.

Првото рочиште за предметот ,,Тврдина,, 2 се одржа на 28 ноември 2016, но наместо подготвително, како што е вообичаено, судијата побара изведување докази, што беше невозможно, делумно и заради нивната тајност, па беше одложено за 17 јануари 2017 година.

Процесот СЈО го води против поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујовски, а обвинението  го застапуваат специјалните обвинители Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов, кои тогаш реагираа на одлуката на  судијката- СЈО да бара дозвола од Управата чиј поранешен началник ја злоупотребил, за да ги употреби доказите на суд со кои располага.

Ристоска потсети дека не е првпат судот во постапка да користи класифицирани податоци, како што беше случај и за предметот „Пуч“ . Праша зошто тоа досега не било проблем и зошто судот воспоставува селективен пристап токму за овој случај. Судијката Лидија  Петровска одговори дека нема да дозволи судот да биде неовластен објавувач на информации со назнака државна тајна.

СЈО од април минатата година чекаше ваков одговор од УБК, но дури сега успеа да добие дозвола за делумна декласификација.

Инаку, ексначалникот на Петтата управа на МВР Горан Грујовски е обвинет дека со други шестмина вработени во УБК   противзаконски запалиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на незаконското прислушување.

Само еден ден по првото рочиште за овој случај, на 29 ноември минатата година, на профил на извесна Билјана Костеска од Прилеп,  беше поставена фотографија од  судскиот процес ,,Тврдина” , кој е прв предмет оформен од Специјално јавно обвинителство влезен во судска процедура.

biljana-pr

По реакциите во медиумите дека некој неовластено го снимал судскиот процес и дистрибуира фотографии, таа беше симната, а потоа изгаснат и лажниот профил.

Тогаш,  Специјално јавно обвинителство побара да се истражи кој го злоупотребил интерниот систем  во судот кој е наменет за снимање на судски процеси со заштитени сведоци. Според  информации на АКО.мк како што информиравме тогаш, за да се направи ваква фотографија чиј агол укажува на тоа дека е симната од снимка направена од камерата што се наоѓа зад судечкиот судија, треба некој да  да го вклучи системот што се наоѓа во друга просторија и да го набљудува и снимањето и целиот судски процес.

На форографијата до адвокатот Никола Додевски седи првообвинетиот Горан Грујовски, а се гледаат и обвинителката Ленче Ристовска, како и новинари што го следат процесот.

Инаку, на барање на одбраната не беше дозволено снимање и фотографирање на почетокот на рочиштето.

 

Претседателот на Судски совет Зоран Караџовски во врска со објавувањето на спорната фотографија во декември лани , изјави дека  не е нивна работа да истражуваат кој и како направил и дистрибуирал во јавноста фотографија од судскиот процес ,,Тврдина”.

Скандалот со тајното снимање и фотографирање до овој момент не доби разрешница.

АКО.мк