Тактичка вежба на војските на Србија и Русија

На аеродромот Батајница крај Белград попладнево почна летната тактичка вежба на припадници на војските на Србија и Русија, „Барс 2016“.

На вежбата „Контрола и заштита на воздушниот простор и борбено пребарување и спасување“, што ќе трае до 15 октомври, учествуваат авијацијата и хеликоптерските единици на Военото воздухопловство и Противвоздушната одбрана (ПВО) на Војската на Србија и 19 припадници на Воздушните-космички сили на Руската Федерација.

Пилотите на вооружените сили на Русија и Србија ќе реализираат тактички задачи во состав на мешовити екипажи главно на авионите МиГ-29 и на хеликоптерите Ми-17, соопшти Министерството за одбрана на Србија.

Паралелно со вежбата ќе бидат одржани повеќе предавања и стручни расправи на тема употреба и одржување на леталата.