Таневски: Спомениците и објектите од Скопје 2014 не треба да се уриваат

Пишува: Зоран Таневски, туристички водич(ФБ статус)

Господин Мирослав Грчев, архитект, графички дизајнер, стрип уметник и карикатурист –настапува ултимативно дека мора да се урнат – порта Македонија, споменикот на Александар Македонски и постаментот за споменикот на Мајка Тереза, па и други објекти од контроверзниот проект Скопје 2014.

Вака, како што настапува се однесува исто како и творците на спомнатиот проект. ТИЕ не организираа ни јавна расправа нити сакаа да слушнат друго мислење. Се појавија на телевизија и ни кажаа што ќе се случува во градот. По нивни диктаторски пример на однесување, Грчев веројатно сака да стане втор диктатор/апсолутист.

За среќа, во меѓувреме многу работи се сменија, па има простор да се изнесат и различни мислења од неговите. Променетите услови и атмосфера верувам дека знаат и ги чувствуваат и господин Грчев и неговите подржувачи. Тоа говори дека не постои едногласност да се уриваат објекти од Скопје 2014 – Порта Македонија и споменикот на Александар Македонски. Можеби неоспорна поддршка ќе добијат да се отстрани недовршената конструкција за споменикот на Мајка Тереза која блокира цела улица за пристап во плоштадот Македонија…

Еве неколку аргументи зошто постојат и поинакви ставови од оние на Грчев – истите. Сите знаеме дека изградбата на јавни објекти се плаќа од јавни пари, од нашите џебови. Државниот, градскиот и општинскиот буџет се полни од ист извор, од нас граѓаните. Објектите и спомениците од Скопје 2014 не се никаков исклучок. Идејните творци не извадија ни скрешена пара за нивна изградба. За жал, трошоците и долговите се толку високи што ќе ги плаќаме ние, сегашнава, но и неколку идни генерации.

Уривањето ќе значи повторно трошење јавни пари. Значи треба да платиме два пати. Не сметам дека е умно бесцелно да се трошат буџетски средства.

Зарем не сметате дека е подобро парите и идеите да се насочат за други полезни проекти. Доколку остварувачите/идеолозите на Скопје 2014 направиле злоупотреби, кршење на закони, корупција, нека им судат судовите и виновниците нека завршат каде што им е местото, во затвор. Тоа би бил логичен крај и поука за сите самобендисани и насилни властодршци.

Но тоа не значи дека наспроти нив, некој како архитектот Грчев треба да добие право и подддршка да истерува личен хир бес, незадоволство, па и комплекс. Ако веќе станува збор за ставовите и мислењата – повеќепати имам кажано дека поставувањето на околу 120 споменици на мал простор може да се спореди со случајот кога во една дневна соба ќе се стави намештај за три соби. Можеше да се распоредат и во други делови на Скопје, па и на Македонија. Но, не бевме прашани и немаше време и не можевме да го кажеме мислењето.

Еден од аргументите против уривање на објекти е фактот што за голем број туристи токму огромниот број споменици начичкани околу центарот на градот ги привлекло да го посетат Скопје и да го видат тоа „чудо“.

Имено, Скопје со Скопје 2014 година прерасна во светски феномен. На најмала површина се поставени најголем број споменици. Ситуацијата изгледа апсурдна, но во случајов апсурдот претставува атракција. Еве уште неколку аргументи против идеите за уривање.

До Скопје 2014, на тв екраните како најавна слика за Скопје беа прикажувани трите безлични кули покрај Вардар и по некоја фотографија од Старата чаршија со забрадени жени. По реализацијата на оспоруваниот проект Скопје 2014, Скопје доби еден вид препознатливост. Пред да почне пандемијата со Ковид 19, токму поради Скопје 2014, Скопје стана хит, односно една од најинтересните дестинации на Балканот. Во минатото на плоштадот Македонија, ние, туристичките водичи, трошевме пет до десет минути на туристите да им објасниме што гледаат. Говоревме за Камениот мост, Ристиќевата палата и за неколкуте објекти што биле урнати од земјотресот во 1963. Тоа беше сѐ.

По 2011 година говориме двојно повеќе време, а згора на тоа, туристите бараа некоја минута повеќе за да можат да направат доволно фотографии за спомен од Скопје и од Македонија. Споменикот на Александар Македонски стана препознатлива икона за главниот град на државата.

Со оглед на тоа што Старата чаршија забрзано се уништува и го губи историското, урбанистичкото, архитеектонското и духовното значење, нема да биде далеку времето кога СКОПЈЕ 2014 ќе прерасне во единствена, па и главна привлечност во градот.

Во изминатиов период многумина, па и јас сме кажале дека спомениците и објектите го носат бремето на лошиот квалитет на материјалот, неквалитетната изградба, сомнителни естетски вредности, погрешен историски контекст, дискутабилна уметничка вредност, некомпатабилност на материјалите и да не набројувам натаму. Од сето тоа нема да може да се избега ни досега, ни во иднина. Но за туристите тоа е споредна работа.

За нив се интересни градби, добри мотиви за фотографирање и за паметење. Тоа ним им е доволно, а на сите во градов и во државава што сме вклучени во туристичката дејност ни носи работа. На крајот на краиштата, во Лас Вегас многу објекти блескаат со лажен сјај и се копии и кич, ама градот го посетуваат милиони туристи и се воодушевуваат од глетките. Тоа е туризмот.

Секогаш е потребно нешто да е нај, а вкусовите биле и ќе останат различни. Затоа господин Грчев и сличните на него, во држава со 100 илјади дивоградби не трошете ваше и наше време во убедување дека токму тие 2 дивоградби се главниот трн в око и токму тие треба да се урнат по секоја цена.Очекувам во иднина и други колеги водичи јавно да го кажат својот став и мислење на оваа тема.

(Зоран Таневски – туристички водич, порано бше новинар и портпарол на ДИК)