Тачи го обвини Ахмети дека им носи зло на албанците

Демократската партија на Албанците вечерва одржа митинг во Куманово. Лидерот на партијата, Мендух Тачи, ја презентираше изборната програма, како и кандидатите за пратеници од втората изборна единица и носителот на изборната листа, Орхан Ибрахими.

На собирот претседателот на партијата Мендух Тачи го обвини претседателот на ДУИ, Али Ахмети дека на народот му донел само насилство, крв и затвори и дека ниту едно добро не виделе Албанците од ДУИ. 

„Прво, ургенцијата Македонија да се интегрира во НАТО­ компромисот со Грција второ, механизмот на вето што треба да биде дел од Уставот и законите на РМ и трето , пропорционална распределба на буџетот на државата. Нашиот директен конкурент е ДУИ, јас апелирав по секоја цена да се гласа против нив, затоа што тие се виновниците за ваквата ситуација. Другите партии ги сметаме како дел од демократијата“, изјави Мендух Тачи.

Претседателот на ДПА исто така вети дека преку законите за амнестија што ќе ги донесат, ќе ги ослободат од затвор сите, како што рече, осуденици од монтираните политички случаи.

Ибрахими во својот говор го презентираше делот од проектите со кои, како што рече, ќе се подобри животот на граѓаните.

Од ДПА изјавија дека во текот на изборната кампања ќе имаат средби на граѓаните со кандидатите за пратеници, а предизборниот карван на ДПА вечерва ќе биде во гостиварски Добридол. Тачи на крајот од митингот ги повика граѓаните да излезат и да гласаат затоа што тие се оние кои можат да ја сменат ситуацијата во државата.

Извор-МКД