Творецот на дигиталниот речник на македонски јазик Шинаси Деребеј одржа предавање во МАНУ


Еден од првите македонски информатичари, сопственик на компанијата САМ97 со седиште во Берлин, кој го создаде Дигиталниот речник на македонскиот јазик (www.makedonisch.info) & (www.makedonski.info) во петокот одржа предавање во Македонската академија на науки и уметности во Скопје.

Лекцијата се однесуваше на “Квантитативни структури на зборовниот фонд на македонскиот јазик” (Quantitative structures of the vocabulary of Macedonian language)


Тој објасни дека преку анализа на корпусот на Дигиталниот речник (ДР) се доаѓа до нови спознанија за македонскиот јазик. Тие се однесуваат на зборовниот фонд и неговите составни делови. Резултати се параметри специфични за македонскиот јазик, корисни во различни области, од криптографијата до учењето на јазикот.

Како илустрација тој направи анализа на книгите „Бели мугри“ и „Пиреј“. Клучни зборови во излагањето беа: Зборовен фонд, Зипфов закон и профил на текст. Дигиталниот речник (ДР) со корпус од околу 6 милиони зборови овозможува детална анализа на македонскиот зборовен фонд и неговата употреба.

Како резултат се добиваат специфични бројки кои можат да се користат за споредба со другите јазици и за анализа на текстови составени на македонски јазик. ДР актуелно брои 75.557 зборови. Од нив 51% се именки, 25% глаголи, 18% придавки и 5% прилози. Останатите 2% се делат меѓу предлози, извици, сврзници, честички и модални зборови.


На предавањето беа претставници на МАНУ, како домаќини, на Институтот за македонски јазик, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), на Агенцијата за интелектуална сопственост “Берин” и други заинтересирани за ваква специфична тема.

Беше заклучено дека е крајно време да се спрегнат силите помеѓу приватната иницијатива, во суштина научно-стручна и патриотски донаторска искажана од дипл.инж. Деребеј, Институтот за македонски јазик , кој изрази подготвеност за соработка, ФИНКИ, Агенцијата Берин од аспект на правата на интелектуалната сопственост и се разбира покровителот на излагањето (по втор пат за три години), МАНУ.

На ред е создавање на ентитет врз база на институционално-приватно партнерство, кој ќе може да конкурира за средства кај европските и останатите фондови со што ќе се овозможи натамошен развој и одржување на овој значаен проект којшто ќе претставува моќно ,,оружје“ за докажување на самобитноста на македонскиот јазик, но и корисна алатка за сите Македонци, каде и да се, во нивните настојувања, тие и нивните поколенија да го зачуваат јазикот.

,,Силно се залагам и им посакувам успех на МАНУ, на Инж. Деребеј, на Институтот за македонски јазик, на ФИНКИ и на сите оние кои ќе сакаат да го подржат овој проект. На Шинаси Деребеј му благодариме за сесрдното залагање на примена, дигитализација и популаризација на македонскиот јазик. Само да напоменам дека Google, на големо го користи овој речник како основа во Гугл Транслејт, кога се работи за превод на и од било кој јазик на македонски“-вели Ѓорѓи Филипов, кој ја проследи оваа информација до јавноста..