Творештвото на Македонците во Србија

Љубителите на ликовната уметност ќе можат од 22 ноември во „Павиљон“, во нишката Тврдина, да разгледаат дела во рамки на изложбата која ја организираа Галиријата на современата уметност и Друштвото на ликовни уметници на Македонците во Србија – ДЛУМС.

На изложбата ќе се претстават 23 уметници со 40 дела масло на платно, 11 скулптури и три графики со голем формат на рачно изработена хартија.

Членовите на ДЛУМС се истакнати ликовни творци со богата уметничка биографија, меѓу нив Данка Петровска, Мирјана Крстевска, Владимир Рашиќ, Ирјана Ѓукиќ, Ванчо Христов, кои зад себе имаат бројни изложби и признанија.

Тие се многу активни учесници во ликовниот живот во Србија и преку своите структурни здруженија.

„За релативно кусо време, ДЛУМС имаше многу значајни изложби во Белград, Нови Сад, Инџија, Панчево, Обреновац, Чачак и Ниш. Друштвото развива соработка со сите адекватни институции со цел да се промовира и афирмира уметноста. Покрај тоа, има желба да биде мост за соработка меѓу Србија и Македонија на полето на ликовната уметност. Во своите редови ДЛУМС има и членови кои не се Македонци, но се почитувачи и љубители на творењето кое го негува нашето Друштво“, вели Васил Галев, претседател на Управниот одбор на ДЛУМС.

kul-most-nis-1

Ликовниот критичар Здравко Вучиниќ вели дека „вредноста на оваа изложба е соѕидана во широкиот избор на мотиви и различности на ликовните и поетичните искази“.

Друштвото на ликовните уметници Македонци во Србија, официјално е формирано во 2012 година, а негови основачи се ликовни творци Македонци кои се школувале, живеат и работат во Србија, со цел да се презентира и афирмира целокупното творештво на ликовните уметници Македонци од Србија.