ТВ дебатата Клинтон – Трамп ја гледаа над 100 милиони гледачи

Повеќе од сто милиони гледачи го следеа првиот телевизиски дуел меѓу претседателските кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп. Ова е рекордна гледаност воопшто на ваков тип предизборни телевизиски дебати.

Двајцата кандидати, известуваат американските медиуми, остро дебатирале за сите теми и прашања. Веднаш потоа следуваа и оцени од разни политички аналитичари дека Клинтон била поуспешна во сите области, освен во економијата, каде доминирал Трамп.

Посебно жестоки тонови можеа да се слушнат околу прашања за надворешната политика.

Клинтон во текот на дебатата потенцираше дека Трамп е првиот претседателски кандидат во последните 40 години кој на јавноста не и ја доставил својата даночна пријава.Таа праша зошто го крие ова и рече дека можеби тој и не е толку богат како што се третставува или пак, не дава доволно за хуманитарни цели. Трамп избегна да одговори на провокациите директно, но рече дека тој всушност и не сака да се фали колку е богат.

Двајцата кандидати на крај на дебатат ветија дека ќе ги признаат изборните резултати, па какви и да се. На ова медиумите во Америка му посветуваат посебно внимание, бидејќи Трамп во кампањата тврдеше дека знае оти исходот од гласањето ќе биде наместен, а тој нема да ги признае резултатите.

Според анкетите што ги правеа CNN и NBC, Хилари Клинтон била подобра за 62 проценти од анкетираните гледачи, односно во втората анкета која ги зела предвид неопределените гласачи направена од NBC, предноста за Клинтон варира од 6 до 16 насто.

Модератор на дебатата што ја следеа 100 милиони гледачи, а траеше 90 минути беше новинарот на NBC Лестер Холт.

До почетокот на изборите треба да се одржат уште два телевизиски дуела меѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп.