Теута Арифи министерка за надворешни работи во идната Влада?

,,Политичарка која во новата македонска Влада би можела да биде министер за надворешни работи“.
Вака српскиот весник ,,Политика“ во својот последен број го најавува интервјуто со  градоначалничката на Тетово Теута Арифи и додава – Арифи тврди дека Платформата на партиите на Албанците во Македонија не етикетира ниту една држава во регионот, па ниту Србија.
Три месеци по одржаните параламентарни избори, законодавната и извршна власт во Македонија се уште не се формирани и не се знае кога ќе се случи тоа, пишува ,,Политика„. ЕУ, САД и НАТО секојдневно вршат притисок на Претседателот Ѓорге Иванов да го додели мандатот за формирање нова Влада на претставникот на новото парламентарно мнозинство Зоран Заев.
За Иванов, меѓутоа, оваа тема е завршена и тој се сврте кон државнички работи дома и во странство. Народот и натаму протестира и ја брани државата од Тиранската платформа, заклучува новинарот во воведниот дел на интервјуто со Теута Арифи.
Но, СДСМ и коалициските партии на Албанците  трпеливо ја подготвуваат конститутивната седница на македонскиот Парламент, на која би требало да се избере претседател , додека пак ВМРО ДПМНЕ инсистира на нови избори.

 

За ситуацијата во Македонија, за тоа како се одвивале постизборните разговори и за самиот документ кој е наречен албанска или Тиранска платформа, специјално за ,,Политика“ зборува потпретседателката на ДУИ Теута Арифи, која најверојатно градоначалничката фотеља во Тетово ќе ја замени со фотељата на Министер за надворешни работи, открива српска ,,Политика„.

Во најавата на интернет страницата на овој весник за денешното интервју со Теута Арифи за неа уште пишува дека зборува течно англиски, француски, италијански, македонски,турски ,  а интервјуто е водено на српски јазик во нејзиниот кабинет во Тетово.

Извор:Политика