Тешки зборови на втората ТВ дебата

Тешки зборови и обвинувања паднаа на втората телевизиска дебата меѓу претседателските кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп.

На почеток Клинтон веднаш го нападнa Трамп за неговите сексистички изјави за жените, кои беа предмет на јавна расправа и на медиумите во САД изминатите денови откако беше објавена снимката направена тајно во еден автобус пред десет години.

Трамп одговори дека тоа се разговори од ,, машка соблекувална ” и дека се извинил за тоа. Но, ја нападна политичата противничка за гадостите, како што рече, што ги правел нејзиниот сопруг кога беше претседател. – Тоа се дела, јас зборував – рече Трамп.

Тој ја обвини Хилари Клинтон за доведување во прашање на безбедноста на земјата со објавените мејлови од страна на Викиликс и најави дека кривично ќе ја гони ако стане претседател.

Клинтон одговори дека е среќа што таков нестабилен човек никогаш не може да стане Претседател на Америка. Ве напуштаат и вашите – му возврати Клинтон.

Дебатата се одржа во салата на градското собрание во Сент Луис, во државата Мисури, а прашањата ги поставуваа и присутните од публиката со помош на модераторот.

Коментарите на политичките аналитичари се дека Трамп со настапот успеал да го сопре негативниот тренд на неговата кампања, но Клинтон се уште води на анкетите.

Впечаток е дека политичката нетрпеливост меѓу двајцата претседателски кандидати е огромна. Впрочем, тие на почетокот не се ракуваа.