Тешко се собираат потписи за децата со посебни потреби

До 16 часот ќе биде отворен пунктот на плоштадот во Скопје каде граѓаните ќе може да го дадат својот потпис за иницијативата на родителите на деца со посебни потреби , кои до вчера имаа собрано само 2.000, а потребни се десет илјади  за да поднесат иницијатива до Собранието за измена на одредени закони за да им се олесни животот и ним и на нивните деца.

Тие со своите деца три дена кампуваа во паркот Жена Борец спроти самото Собрание, но книгата за потписи остана полупразна.

Родителите бараат измени на закони и подзаконски акти, со кои на децата ќе им се овозможи соодветна здравствена и социјална заштита.

Според нив, еден од најтешките проблеми со кој се соочуваат е прашањето што ќе се случи со овие деца по смртта на родителот. Велат дека имаат предлог како може да се реши ова прашање, бидејќи сега децата со посебни потреби, откако ќе им починат родителите, најчесто завршуваат во психијатриските установи во Бардовци и во Демир Капија.