Во текот на ноќта на Клиниката за Државна кардиорирургија се изведува првата кадаверична трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор. Во моментов е во тек експлантацијата, соопшти Министерство за здравство.

На трансплантацијата ќе работи тим од тројца кардиохирурзи под водство на Проф. д-р. Сашко Јовев од државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника“, Проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина“ и анестезиологот д-р Маја Мојсова од Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување, воедно и Национален координатор за трансплантација.

„Вечерва останувам на кардиохирургија во поддршка на моите колеги. Ова е голем чекор за државната кардиохирургија и за нашето јавно здравство. Ова е тешка и ризична интервенција. Верувам во стручноста и експертизата на овој тим и им посакувам многу среќа и успешна операција. Сакам лично да се заблагодарам на семејството кое ја даде согласноста, тие покажаа што значи алтруизам во вистинска смисла на зборот“- порача Филипче.