Тоалетна хартија

Родена сум во Прилеп од татко, Ѓоре шнајдерот и мајка, Љубе шнајдерката, а мојот прв дом беше првиот кат од „куќата на Аџиздравевци“. Татко ми имаше дуќан под Саатот, а за да стигнам до таму јас имав еден мост, па пазарот на кој имаше се и сешто, и влегував во Старата прилепска чаршија. Ама, татко ми решил дека треба да се пресели во Скопје, оти сакал ќерките да му бидат покрај него кога ќе студираат. Небаре никој друг немаше ќерки. Ама нејсе.

Кога дојдовме во Скопје јас бев сама, без другарите, без просторот кој ми беше царство. Ми остана само моето точаче кое го возев на мојата нова патека по Ѓуро Ѓаковиќ по Ленинова до Парк. И околината. Еден ден ми се дупна гумата на точачето, и јас, зедов пари и отидов да си купам потрепштини за да ми ја залепи татко ми гумата на пазарот Буњаковец, на кој требаше да има се. Замолив еден чичко да ми даде еден сусјат и лепило за гума. Ме погледна, ме праша што барам, а јас повторив: СУСЈАТ и лепило за гума. Откако се објаснивме ми даде ШМИРГЛА и лепило за гума.
Толку од моето далечно минато.

Сега нешто од нашето блиско минато.
Подолго време се занимавам со говорите на поранешниот премиер на Македонија. И овој пат, многу накусо ќе ви го кажам моето мислење за три од нив.

Првиот. Тоа беше говор или промоција на изданието на МАНУ, кое требаше да биде „Македонска енциклопедија“. Дотогаш ниту ја бев видела, ниту знаев што содржи таа енциклопедија бидејќи не бев од „подобните“ за париделење и авторство во неа. Додека течеше говорењето, на голем бим се прикажуваа страници од енциклопедијата. И слушате едно, а гледате друго. Едно со друго во расчекор до немајкаде. Помина што помина промоцијата, прашав кој го пишувал говорот или промотивната реч, одговор до денес не добив. Мојот коментар и тогаш и сега е: или тој што го пишувал говорот бил неписмен, или не ја видел претходно енциклопедијата или сакал да го насанка премиерот. Бидејќи сите го знаеме фијаското на енциклопедијата, остана некогаш да разбереме колку пари се потрошија на тоа издание. Така говорот остана убав, ама неточен, а уште повеќе неупотреблив. Небаре напишан на тоалетна хартија.

Вториот. Говорот го одржа истото лице во истото својство, но во друга прилика. Тоа беше светска конференција на религиите во Охрид. Говорникот во неколку наврати го изрази своето задоволство што присуствува на собирот со зборовите „вечерва се чувствувам“, а отворањето беше во 12 часот напладне. За другиот дел од непригодниот говор, нема да ја абам тастатурата. Заклучокот и ефектот беше тој, говорот напишан на тоалетна хартија.

Третиот. Тоа беше говорењето на бината во Скопје во склоп на караванот на ДПМНЕ во кампањата за парламентарните избори во 2016 година. Јас по природа сум многу разговорлива, но после тој говор бев небаре на забар. Безброј прашања, многу молк во мене, немоќна за ниту еден рационалнен одговор. Говор недозволиво празен, употреблив само за пред „верни до смрт“, но крајно неинтересен за сеиргледатели, кои бесплатно дошле во Скопје да го видат „2014“. Говор достоен за да биде напишан на тоалетна хартија.

И така, до бескрај можеме да анализираме говори напишани на тоалетна хартија.

И како на човека да не му се смачи да слуша недокваканости, кога живее во држава која е европска по местоположбата, која е светска по историјата. Европската местоположба, нашиот европски менталитет и нашето европско образование не помогнаа ние да бидеме Европјани, оти нели како Македонци сме неподобни. И во текот на сите овие години си останавме маргиналци. А додека сите итаа напред, ние слушавме пригодни говори, напишани на соодветна хартија, одвреме – навреме потресувајќи се (читај: страдајќи), поради болните и значајните настани што се случуваа, а од кои зависеше иднината на државата. Зависеше иднината на нашите поколенија. За решавање на повеќето исклучително големи проблеми имавме олеснувачи, најчесто од Европската Унија, бидејќи нели, ние сме европска земја. Се потпишуваа договори овде-онде, ваму-таму-онаму. Но, повторно истата песна, така што до денес, се бориме со истиот актер или говорник на говорите напишани на тоалента хартија.

Затоа Европо, имам една молба. Следните договори со говорникот и неговите другарчиња потпишувајте ги на СУСЈАТ или ШМИРГЛА, белким и тоа нема да го употребат како тоалетна хартија.

проф.д-р Катерина Тодороска