Тонеме во ѓубре и нечистотија, лошите навики и неорганизираноста на локалната нѐ победија сите

Фотографии со преполни контејнери, расфрлано ѓубре насекаде, неисчистено и запуштено ни пристигнуваат од секаде.

Последните се од Хиподром :

И од Аеродром:

Кревети, тоалетни школки, скапана храна, градежен шут има насекаде низ Скопје. Околу контејнерите, на кеј, во секоја грмушка е вистински хорор.

Крај патиштата низ Македонија со години не се подигнува фрлениот смет од автомобилите. Диви депонија од локалните жители има речиси на секој паркинг простор, кога одите кон Охрид или кон грчка граница. И никој не реагира. ,,Македонија пат“, која е надлежна за одржување на овие простори едноставно не ги слуша апелите и не си ја работат работата за која се платени.

Локалните самоуправи и нивните градоначалници се изгубени во своите функции и не знаат како да одгиворат на предизвиците.

Целиот систем на едукација, превентива, акција и казнување не функционира.

Не постои идеја , ниту желба и знаење ова да се среди и да им се стави крај на невоспитаните, некултурните и агресивни граѓани, кои најбезобразно испогануваат сѐ и секаде кадешто стапнала нивна нога.

Централната власт, Владата, не реагира и овој тежок и горлив проблем не го перцепира и воопшто не го става на дневен ред. Ниту под точка разно, а да не зборуваме како проблем број 1 и како итен приоритет.

Волку нечистотија и некултура, се чини, досега не е видена на овие простори.

Локалните самоуправи мора да се справат и со тивкиот бојкот што го имаат во своите општини.

Конечно, треба сите да се освестат и да се разбудат од шарениот сон, бидејќи, довербата неповратно е изгубена и може само да сонуваат кога на некои идни локални избори ќе добијат ваква доверба од граѓаните.

Тргнете во бескомпромисна борба против простотијата, некултурата, нехигиената и неорганизираноста!

Сега и веднаш!

Е.Л.