Трагедија на свадба во Сирија, убиени 22 лица

Дваесет и две лица се убиени, а десетина се потешко повредени во самоубиствен напад на свадба близу градот Хасакa на североистокот на Сирија.

„Бомбаш самоубиец се саморазнесе во сала во селото Тал Тавил северно од Хасака каде што се одржуваше свадба на еден од борците на Сириските демократски сили, изјави за агенцијата Франс прес Абдел Рахман, директор на сириската Опсерваторија за човекови права.

Сириските демократски сили се арапско-курдска коалиција која се бори против екстремистите на Исламската држава.

Меѓу починатите е и невестата, додал Рахман.

Хасака е град кој речиси во целост е под контрола на курдските милиции и често е цел на напади на Исламската држава.