Трајко Велјановски повика да си простиме

Во говорот на Претседателот на Собрание на РМ по повод големиот празник на македонскиот народ, Денот на македонското востание 11-ти Октомври, Велјановски за првпат откако е оваа гарнитура на власт, со помирливи тонови, без отворена критика кон СДСМ и поддршка на ВМРО ДПМНЕ, како што беше вообичаено, повика на помирување, сплотеност и единство.

Исто така, за првпат скоро целиот говор му беше посветен на македонските партизани, на нивното дело, борбата за слобода, иако ова немаше кој да го слушне. Бидејќи, скоро сите во меѓувреме починаа. Останаа малкумина,кои не беа таму.

Еве акценти од говорот на Велјановски:

,,Чествувајќи го денешниот ден, како празник на нашата нација и држава, го одбележуваме делото на македонските партизани!

Славејќи ја нивната пожртвуваност за слободна и независна Македонија, уште еднаш потврдуваме дека нашиот народ има сила да чекори напред!

Ваквиот цврст став на нашите борци е клучот за опстанокот и надминувањето на сите обиди за згаснување на македонскиот национален идентитет.

Херојската и беспоштедна борба за основни права и светла иднина не познава никакви граници.

Силно верувајќи во секој збор од искажаните реченици, во оваа прилика чувствувам силна потреба да им се обратам на сите учесници во Народно-ослободителната борба на Македонија.

Почитувани борци,

Бидете сигурни дека Mакедонија се поклонува на вашето дело!

Вашата жртва е вечно врежана во историјата на Mакедонија.

Вашата посветеност е пример од кој треба да се водиме во новите битки за доброто на нашата Tатковина.

Бидете горди на секој ваш ангажман за слободата на нашата Татковина затоа што вие ја имавте честа да ја браните и да ја одбраните Mакедонија”.

,,11 октомври е денот кога беше извојувана една од последните големи историски битки на народот на Mакедонија на патот кон слободата.

Овој ден го означува почетокот на конечната борба за демократска Mакедонија.

Партизаните верувајќи во своите цели, подеднакво посветено ја ширеја и штитеја идејата за слободна и независна Mакедонија.

Слободата на Македонија за нив претставувала и се уште претставува света мисија достојна за најголема жртва.

Заложбите и посветеноста на оваа идеја најдобро се гледаат преку нивните бројни дела…..”

,, АСНОМ беше врвот на Народно-ослободителната борба.

Неговиот најцврст темел беше токму 11 октомври.

Овој ден ја означи зората на македонската борба.

На овој ден најсилно беа потврдени принципите по кои истата се водеше…..”

,,Секоја цел е подалечна доколку не сме обединети!

Затоа, како Pретседател на македонскиот законодавен дом, уште еднаш сосема искрено сакам да повикам на унапредување на единството помеѓу партиите.

Мораме да ги надминуваме нашите разлики.

Не смееме да дозволиме во жарот на политичката битка, повредена да излезе Mакедонија!

Да си подадеме рака на овој голем ден!

Нашите национални водачи ни оставиле аманет дека на патот до националната цел мораме да продолжиме со градење на мостови на соработка.

Мораме да си простиме и да се здружиме за доброто на Македонија…..”-рече во својот говор Велјановски.

Тој го пушти во употреба реновираното и обновено Собрание.

width="300" golema