,,Трепча” ги заостри односите Белград-Приштина

Официјален Белград не ја признава конфискацијата на рударкиот гигант ,,Трепча” прогласена со еднострана одлука на Приштина. Косовскиот Парламент ја усвои одлуката за носење Закон за овој рудник, со кој се прогласува за државна сопственост на Косово. Косовскиот премиер Иса Мустафа во парламентот прогласи дека ,,Трепча” e косовска сопственост.

На оваа одлука остро реагираше Влада на Р Србија, која објави дека одлуката на косовската влада не ја признава, таа е ништовна и побара итна седница на Совет за безбедност на ОН.

Директорот на Канцеларија за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ одржа прес конференција, на која конфискацијата на рудникот ја нарече провокација, но кажа дека таа нема никакво правно дејство, ниту последици кога станува збор за работните или должничко-доверителски односи. Во ,,Трепча”, кој се наоѓа во рударската населба Стари трг, општина Косовска Митровица, работат околу 3000 косовски срби, бидејќи како и градот и рудникот е поделен меѓу албанците и србите на Косово. Тој е едно од најголемите наоѓалишта на олово и цинк во Европа, а главните рудни жици се наоѓаат во внатрешноста на планината Копаоник во Србија.

Во овој рудник има и злато, а тој беше предмет на интерес на некои американски политичари, како Медлин Олбрајт. По воспоставувањето на привремена управа во деведесетите, американски трупи прво го зазедоа рудникот, наводно да го обезбедат.

На косовско-српските преговори во Брисел, покрај прашањето за Телекомот, ова беше најтешкото прашање за решавање.