Трет пожар во државна институција пеплосува важни документи

Во пожарот што вчера ја зафати старата зграда на Комерцијална банка во која се сместени просториите на Државниот инспекторат за животна средина, Секретаријатот за европски прашања и државната агенција МИА, е направена голема материјална штета.

Како што изјави директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фејзула Шпахија, за весникот ВЕЧЕР, за пожарот бил известен кога тргнал утрината на работа од инспектори кои претходно стасале на своите работни места.

-Кога пристигнав веќе пожарникари работеа на гаснењето на огнот. Од она што можеше да се види и што го добивме како информација од пожарникарите, нашите простории се многу оштетени. Целосно е оштетена архивата, канцелариите на инспекторите. Исто така и предметите на инспекторите. Тие ги чуваат во своите канцеларии, бидејќи нема каде на друго место, вели Шпахија.

Причината за пожарот се утврдува, но најверојатно е инсталацијата, вели тој.

Опожарени се и просториите на новинската агенција МИА и вработените своите задачи сега ги исполнуваат од дома.

Просториите на Секретаријатот за ЕП не се оштетени, но поради безбедност и истрагата што се води, вработените времено ќе работат од други простории во Владата.

МВР ги истражува причините за пожарот.

Пред две години се случи голем пожар во Министерство за правда на 4 кат, каде исто така изгоре целата документација и опрема по канцелариите.

Неколку канцеларии беа целосно уништени, а најголемото оштетување претрпе дел од документација за меѓународна правна помош, Одделението за меѓународна првна помош, дел од сметководство и дел од секторот за финанисии на Министерство за правда.

За овој пожар никој не одговараше.

Во 2013 година изби голем пожар во главната зграда на Македонски пошти, во времето на директорување на Рафис Алити.

Уникатната зграда е уништена, а внатре со неа и непроценливите мурали на Борко Лазески.

Арменд Фазлиу, внук на директорот на а.д. ,,Македонска Пошта”, Рафис Алити и шеф на неговиот кабинет и на Секторот за јавни набавки, беше прогласен за виновен за катастрофалниот пожар кој ја уништи зградата на Пошта во центарот на Скопје и осуден на двегодишна затворска казна.

Тој беше обвинет за тешки дела против општата сигурност, а во текот на процесот вештаците потврдија дека пожарот избувнал откако тој фрлил запалена цигара во корпата за отпадоци во неговата канцеларија. Пламенот ја зафатил неговата канцеларија, каде што тој чувал, од само нему познати причини, 25 литри моторно масло, кое било катализатор на огнот.

Уникатната зграда на Македонска пошта сѐ е во очајна состојба по пожарот, оставена на милост и немилост на збот на времето.

АКО.мк