Триесетдневен притвор за Блерта Поцеста која ги уби мајката, таткото и сестра си

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица под сомнение дека биле инволвирани во убиство на тричлено семејство во Дебар.

Првоосомничената, жена на возраст од 28 години, е под истрага бидејќи постојат основи на сомнение дека сторила кривично дело – Убиство од чл.123 ст.3 од Кривичниот законик. За другите двајца осомничени, 31-годишен маж од Гостивар и 62-годишен жител на Дебар, постои сомнение дека и помагале во извршувањето со што сториле кривично дело – Убиство од чл.123 ст.3 во врска со чл.24 од Кривичниот законик.

Ценејќи дека се исполнети законските услови, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за сите три осомничени лица. Ваквиот предлог беше прифатен и судијата на осомничените им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Истражната постапка продолжува во насока на целосно расветлување на овој настан и обезбедување материјални докази, соопшти обвинителство.

Постарата 28 годишна ќерка , Блерта Поцеста, го узвршила и организирала убиството на нејзиното семејство, за што имала двајца соучесници и тоа Ферди Гаши од Гостивар и Веап Клобочишта од Дебар. Таа го признала страшното злосторство.

Неофицијално, забранета љубовна врска меѓу неа и момче од Италија, е причината поради која таа ладнокрвно си ги убила родителите и 13-годишната сестра. Официјалните информации од полицијата се дека сè е организирано од неа, а причината сè уште не е позната. Единствената преживеана од масакрот на семејството Поцеста е третата сестра, Мукадес.