Триесетдневен притвор за убиецот на пензионерката од Охрид

На Јосип Кузмановски (37) од Куманово, осомничен за понеделничкото убиство на 67-годишната Спаса Бојоска од Охрид, одреден му е триесетдневен притвор.

Од деталите за убиството кои беа објавени од истражните органи,   злосторството било извршено со  водоводна цевка, како и со убоди од нож.

Крвавата драма започнала  во понеделникот околу 11.45 часот, откако  осомничениот заѕвонил на влезната врата на неговата сосетка во станбена зграда на улицата „Галичица“, каде што тој живеел последните шест месеци. Таму се доселил неодамна со својата невенчана сопруга.

Убиството е планирано, бидејќи според сознанието на истрагата,  тој претходно се осигурал дека Бојоска ќе биде сама во станот, а со оглед дека се познавале, бил сигурен дека ќе му отвори. Зел една водоводна цевка и ставил бели хируршки ракавици на рацете.

Бојоска очигледно не забележала дека има цевка во рацете и хируршки ракавици на рацете, а како што веќе изјавил пред истражните органи, тогаш од зад грб ја удрил силно во пределот на грбот и главата.

Откако  жртвата паднала во бесознание на подот, тој одзел еден мобилен телефон и паричник со 3.200 денари .

Пред да го напушти станот, Кузмановски забележал дека сосетката дава знаци на живот, па  отишол во кујната, зел нож со должина од 30 сантиметри и ја прободел во пределот на вратот и ја усмртил.

Потоа, го напуштил станот  го заклучил и се упатил во казино.

Како што е веќе познато, ќерката на Бајоска откако не успеала да ја добие својата мајка на телефон, го пронашла телото вечерта околу 19 и 30.

Соседите го опишуваат кумановецот кој се доселил неодамна  како агресивна и конфликтна личност.