Тричковски и Героски ,,раскинаа“ преку Фејсбук

По целодневна преписка на социјалната мрежа Фејсбук, колумнистот Бранко Тричковски му соопшти на одговорниот уредник на Слободен печат, Бранко Героски дека ја раскинува соработката со овој весник. Героски од Боровец, каде што самиот напиша дека е во моментот на скијање , го прифати заминувањето на нивниот колумнист и напиша дека никој, па ниту Тричковски нема да прави цензура во Слободен печат.

Сѐ почна со Фејсбук статусот на Бранко Тричковски, кој побара од Героски и од Владимир Милчин, да ја остават Македонија и да одат на риба или пиво.

,, Европа и целиот свет се помочаа за да отворат перспективи, за Македонија, за македонскиот јазик, за македонската нација, за мирот, стабилноста итн. Не е убаво вака, драги мои загрижењаци. Олабавете се малку, појдете на пиво или по риба или в театар, кулирајте, оставете ја Македонија, макар за момент, ослободена од вашето внимание и грижи“- им порача Тричковски.

,,Нека прости Тричко, ама ние не можеме да си дозволиме вакво корзирање со умот. Ќе одиме и на пиво и на риба и на скијање и секаде каде што ќе ни посака душата, ама ќе си ја носиме со себе и оваа несовршена и неумрена Македонија. Која не е Тричкова сопственост.

Ете затоа, со сета должна почит, од моја страна апелот на погребникот не се прифаќа!“-напиша Героски.

Тричковски заминува од ,,Слободен печат“, го најави своето заминување колумнистот.

,,Не знам дали не е доцна да ја прекинам соработката со “Слободен лечат” веќе со бројот од оваа сабота (16.03). После пет години добра соработка, не би сакал да ги соочам со празни простори и крпени решенија во последен момент.
По сите клучни теми: Преговорите со Грција и со Бугарија, двата клучни договора, името и идентитетот, референдумот, односот кон Владата, битката против криминалот, статусот и судбината на СЈО, судските процеси и пресудите, аферашењето, имавме спротивни становишта.
Со други зборови, не сакам со своите ракописи да ја легитимирам и афирмирам уредувачката политика на весникот, а не гледам дека има смисла и тие да објавуваат човек што сака да ја убие Македонија и македонскиот јазик и да ги остави нивните деца без идентитет, како што рече Геро во последната расправа.
Адио, Геро, фрапиран сум од неспособноста да совладуваш малку посложени конструкции, во бинарниот систем на глупавиот македонизам, ти си нулата, Владе, можеби, би можел да биде единицата, но ништо повеќе од тоа. Штета. А бевте убава десетка.
Крај на приказната“- му напиша Тричковски на Геровски на ФБ.

НИКОЈ ВО „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ НЕМА ПРАВО ДА ЦЕНЗУРИРА – ТОА ПРАВО НЕ МУ ГО ДАДОВ НИ НА ТРИЧКОВСКИ!-одговори одговорниот уредник на Слободен печат, Бранко Героски.

,,Синоќа (веќе помина полноќ) колумнистот Бранко Тричковски соопшти дека ја прекинува соработката со „Слободен печат“, поради наводно несогласување со уредувачката политика на весникот.

Според очекувањата, Тричковски доби поддршка од своите фанови на Фејсбук. Најинтересна ми се виде онаа на Борче Трајковски (Боки Бургија), кој напиша дека (парафразирам) „Тричковски бил Слободен печат“, а не обратно. Бидејќи ваква мисла не сум чул уште од онаа на Луј Четиринаести ќе да беше (државата тоа сум јас), чувствувам обврска и на Боки Бургија (чии колумни исто така се објавувани во весникот), на сите фанови на Тричковски и на сите читатели на „Слободен печат“ да им го порачам следново:

„Слободен печат“ не е Тричковски. Не е ниту Героски. „Слободен печат“ е екипа од седумдесеттина луѓе, кои вредно и посветено работат во сите сектори на издавачкото претпријатие на нашиот најтиражен и највлијателен дневен весник. И тоа секако нема да се промени со заминувањето на Тричковски.

Луѓето кои го измислија „Слободен печат“ сме јас, Жарко Јорданоски и Злате Лозановски. Но и ние тројцата заедно не сме „Слободен печат“. Ние високо го цениме она што го сторија луѓето кои вложија многу труд и инвестиции проектот да успее, а тоа се неговите сопственици. Заеднички се бориме секој ден да се разбереме, напати се караме, се крвиме, но на крајот сепак наоѓаме заеднички јазик. Учиме едни од други.

Во оваа значајна група е и Владимир Милчин, човекот кој во својство на директор на Фондацијата отворено општество Македонија (како и ценет колумнист), лично се заложи оваа фондација да го помогне нашиот проект во првата, најтешка година. Напорите и жртвите на сите тие луѓе од сопствеништвото и од менаџментот се вградени во темелите на „Слободен печат“.

Луѓето кои пред пет и повеќе години, во време на најцрниот режим на Груевски, му дадоа посебен белег на весникот, беа и се неговите колумнисти, меѓу кои до вечерва беше и Тричковски – едно од плејадата блескави колумнистички имиња. Сите тие се „Слободен печат“.

Тоа, таа наша слободоумност и независност, тоа отфрлање на секаква апологија на власта, таа критичка нота силно го билда кредибилитетот на нашиот весник. Ете, тоа е силата на „Слободен печат“. И додека сум јас главен уредник на весникот, од таа уредувачка политика отстапки нема да има. За ничиј хир. Ни за Тричковиот.

Во „Слободен печат“ не може. Јас и мојот тим тоа никому нема да му го дозволиме. Точка!“-одговори Героски.

За Героски е големо разочарување лајкот на министерот Никола Димитров на постот на Бранко Тричковски.

,, Жално и срамно. Но, цензурата нема да помине. Тоа го ветувам јавно.Макар цела влада се изредила со лајкови, сосе советниците. No pasaran! “-пишува Героски.

Фото архива: Героски со колумнисти , меѓу нив и Тричковски