Тројца деликвенти извршиле 65 тешки кражби во Аеродром и Кисела Вода

 Тројца познати деликвенти за седум месеци извршиле 65 тешки кражби во скопските населби Аеродром и Кисела Вода.

Секторот за внатрешни работи Скопје, по превземени мерки и активности до надлежното ОЈО Скопје поднесе една кривична пријава и едно писмено известување против лицата С.М. (21), Б.А. (19) и С.Д. (20) сите од Скопје, поради основано сомнение дека  извршиле 65 кривични дела и тоа 55 дела – “тешки кражби“ предвидени и казниви по член 236 од КЗ на РМ и 10 дела – “тешки кражби во обид“ предвидени и казниви по чл.236/19 од КЗ на РМ при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 3.877.700 денари.

За сторените кривични дела од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор во траење од по 30 дена. Имено, по претходна анонимна телефонско јавување дека на бул.“12-та Македонска бригада“ две непознати лица сомнително се движат помеѓу куќите, од страна на полициски службеници било излезено на местото на настанот, при што биле затекнати лицата С.М. и Б.А. кои се лишени од слобода и приведени во полициска станица  „Аеродром“ за понатамошна постапка.

Во ПС ОН „Аеродром“ бил извршен разговор со нив, во кој тие појасниле дека кога биле затекнати во дворот од куќата имале намера да влезат  и да извршат кражба, но дека биле спречени во намерата од страна на полициски службеници. Исто така појасниле дека во претходниот период на подрачјето на општините „Аеродром“ и „Кисела Вода“ заедно со трето пријавената С.Д. имаат извршено повеќе тешки кражби во куќи и станови од каде имаат украдено пари, златен и друг накит, преносни компјутери (лап топ) и други предмети. Златниот накит го продавале во златара лоцирана во ГТЦ Скопје, преносните компјутери (лап топ) ги заложувале во заложна куќа, а останатиот накит и предмети ги продавале на непознати лица на пазарот во населбата „Шуто Оризари“. Парите кои ги добивале од продажбата, заложувањето и парите кои ги пронаоѓале и одземале од куќите и становите ги делеле помеѓу себе, по што дел од парите ги трошеле во казина, а другиот дел од парите ги трошеле за свои потреби. По извршениот разговор од страна на С.М и Б.А. биле посочени куќите и становите во кои ги имале извршено тешките кражби, а дале и појаснување за начинот на кој влегувале во куќите и становите и какви се предмети одземале.

Кривичните дела ги вршеле преку ден, но и во ноќните часови во временскиот период од 16.03 до 23.10. годинава и тоа на подрачјето на Аеродром и Кисела Вода при што 46 тешки кражби извршиле во станови лоцирани на приземје и 19 тешки кражби во куќи.

Во ПС ОН „Аеродром“ бил повикан сопственикот на златарски дуќан лоциран во Градски трговски центар – Скопје и со него е извршен разговор во врска со сознанието дека горепријавените во неговиот златарски дуќан го продавале украдениот златен накит. Во разговорот истиот појаснил дека од пријавените во повеќе наврати имал откупено златен накит за што им биле издавани потврди за откупено лом злато, но дека златниот накит веќе го имал претопено.

По претходно издадена наредба од Судија на претходна постапка од Основен Суд Скопје I Скопје, бил извршен претрес и во заложната куќа поради основи на сомнение дека во заложната куќа горепријавените имаат заложено повеќе преносни компјутери (лаптопи) кои потекнуваат од извршените кривични дела. При претресот пронајдени биле неколку заложени преносни компјутери (лаптопи) за кои им биле издадени каса исплати и кои со потврда се одземени од сопственикот на заложната куќа и вратени на сопствениците.

Инаку, С.М. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти за што од страна на СВР Скопје во временскиот период од 2011-2016 година поднесени му биле 20 кривични пријави по чл.235 и 236 од КЗ на РМ; против Б.А. како сторител на кривични дела од областа на имотните деликти од страна на СВР Скопје во временскиот период од 2015-2016 година поднесени му се седум кривични пријави по чл.236 од КЗ на РМ, а против С.Д. СВР Скопје во временскиот период од 2009-2016 година има поднесено 45 кривични пријави по чл.235, 236, 242 и 237 од КЗ на РМ-известува СВР-Скопје.