Трпчески НЕ го прекина концертот во Штип поради студената сала(видео)

Повеќе портали вчера објавија дека македонскиот пијанист со светска слава, Симон Трпчески, го прекинал новогодишниот концерт во студената штипска сала.

Но, само ако го изгледате видеото што е објавено, ќе слушнете дека не само што не го прекина концертот, туку пред штипјани одржа ,,топол“ говор, а музичарите на сцена ги прогласи за херои на денот, бидејќи и во студена сала остануваат професионалци.

Секако упати критика до власта и до политичарите дека не смее да се штеди на култура.

Оваа дезинформација тргна од порталот МКвести.мк, кој, и покрај тоа што во видеото со титл Симон Трпчески во говорот не спомнува прекинување на концертот, тие одат со наслов ,,Резил, Трпчески го прекина концертот во Штип поради студена сала“…

Овој портал, МКвести.мк нема импресум, нема издавач, но има реклами кои го одржуваат во живот. Многу често објавува лажни вести и дезинформации. На неговата страница може да се види реклама и од Државна лотарија.

Без исклучок, порталите блиски до опозицијата, потоа ја објавија веста со насловот дека Симон Трпчески го прекинал концертот во Штип, поради студената сала, што не соодветствува со вистината.

Вистина е дека салата била студена, дека Трпчески свирел колку што било договорено, и дека публиката воодушевено го проследи и неговиот настап, но и говорот.

Симон Трпчевски, беше вистинско изненадување за публиката во Штип, која дојде на традиционалниот новогодишен концерт на Државното средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“. Трпчевски дојде на покана на дирегентот и педагог во училиштето Тоше Митров, негов колега и пријател.

Во преполната, но (пре)студена сала на Домот на културата „Ацо Шопов“ имаше родители, роднини, педагози, директори на институции, кои дојдоа да ги погледнат настапите на учениците од Музичкото училиште. На сите Трпчевски им одржа педагошка и хумана лекција во студентата сала – дека образованието и културата се важни, а најмногу овие деца кои излегуваат на сцена, пишува ММС-Канал 77.


-Колку професори се овде од Средното музичко училиште или од Академијата? Ме интересира дали градоначалникот на Штип е овде? Директори на институции…? Она што им го кажав во Узбекистан беше дека нашите политичари или квазиполитичари или оние што мислат дека се вистински политичари, или оние кои што се влијателни луѓе и покажуваат дека искрено ја сакаат културата и уметноста, дека треба да сфатат еднаш засекогаш дека на културата и образованието, не смее да се штеди, рече на сцената Симон Трпчевски.


Директорот на Средното музичко училиште, Горан Кавраков, вели дека е невистина дека Трпчески го прекинал концертот.


-Сведок е  публика од 1500 луѓе, која беше фасцинирана од досега најдобриот новогодишен концерт на учениците и наставниците на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ од Штип ( за првпат се оддржаа два концерта). Јасна е целта на оние кои ја шират оваа лажна цел. Меѓутоа, ние како уметници остануваме да работиме професионално за развиток на учениците и самото училиште. Свесни се и нашите сограѓани и пошироко, дека ова е голема манипулација, вели Кавраков за ММС-Канала 77.

Инауку, новогодишниот концерт на ДМУЦ ,,Сергеј Михајлов“ од Штип, е одржан пред Нова Година, дваесетина дена пред некој да ја конструира лажната вест за неговото прекинување.

АКО.мк, делови од текстот се преземени од ММС-Канал 77

(Видеоето е преземено од МКвести.мк, но само како илустрација во контекст на нашиот текст, а се со цел да придонесеме во борбата против лажните вести и дезинформациите)