Пратениците на  турскиот парламент ги  поддржаа  контроверзните уставни реформи кои предвидуваат проширување на овластувањата на   претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Како што пренесува АФП, пратениците го изгласале и последниот 18 член на новиот Устав со кој на претседателот му се даваат неограничени или целосни овластувања во раководењето. Сега, Ердоган ќе биде носител на ивршната власт, тој ќе ја именува Владата, ќе го носи буџетот и ќе прогласува вонредна состојба во државата.

Според турските медиуми 344 пратеници биле за, 131 против. Во среда 18 јануари ќе се одржи последниот круг на гласање , по што ќе се пристапи кон уставните измени.

Опозициските партии предупредуваат дека му се дава премногу моќ на Ердоган , кој и така е неприкосновен во своето владеење.

 

Поддржувачите на Ердоган ова го правдаат со потребата од концентрација на раководењето заради подобрување на безбедноста и борбата против тероризмот.

Со овие промени на Ердоган му се дава и правото без консултации да именува и сменува министри, да се одржат претседателски избори во 2019 со право на два петгодишни мандати, што значи дека тој според измените на Уставот може да биде Претседател на Турција се до 2029 година.