Уапсени основачите на адвокатската канцеларија ,,Мосак Фонсека“

Основачите на  адвокатската  фирма за регистрирање офшор компании “Мосак Фонсека”, вмешани во минатогодишната афера кога протекоа илјадници доверливи документи за офшор фирми формирани преку нив, се уапсени во Панама.

Меѓутоа, апсењето е поврзано со друг корупциски сканадл за подмитување во кој е вмешана бразилската градежна фирма ,,Одербехт“.

Рамон Фонсека Мора и Јирген Мосак, партнери во адвокатската компанија “Монсак Фонсека”, приведени се на дводневно сослушање.

Полицијата ги претресе нивните   канцеларии. Осомничени се дека отвориле офшор компании преку кои бразилската градежна фирма плаќала мито. Раководителите на Одербехт веќе признале дека платиле 800 милиони евра мито низ земјите во Латинска Америка.

Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи, германскиот весник Зидојче цајтунг и уште 100 други организации ширум светот, минатата година дојдоа до 11,5 милиони документи кои протекоа од фирмата ,,Монсак Фонсека“, за офшор компании, а голем дел од нив беа објавени.

Тогаш беше обелоденето дека Јордан (Орце) Камчев е сопственик на фирмата „Десимарг лимитед“, која е основана на Бахамите. Документи од Панама првпат докажаа дека Камчев е директен  сопственик на таква компанија.

Компанијата е основана на 3 јануари 2014 година, од фирмата „Консулко“, а во јули 2015 година веќе е почната ликвидациска постапка за неа.

Тоа е воедно и првиот пат  Јордан Камчев да се идентификува како сопственик.  Агентите од „Консулко“ им пишуваат на „Мосак Фонсека“ дека ќе почнат ликвидација на компанијата, но прво го менуваат директорот. Нов директор на 9 јули станува Ненад Јосифовиќ,  кој во моментот на објавување на документите беше  член на надзорниот одбор на „Стопанска банка – Битола“, член на управниот одбор на ГТЦ, како и човек кој со години врши менаџерски функции во компаниите што се дел од „Орка холдинг“.  Во истиот ден кога Јосифовиќ е назначен за директор на компанијата „Десимарг лимитед“ од Бахами, тој го именува Јордан Камчев за ликвидатор на фирмата, пишуваа тогаш медиумите.