Уапсен татко на полуматурант во Србија за кражба на завршен тест по математика

32 годишниот Игор Стаменковиќ од Белград, е уапсен поради сомнеж дека го украл тестот по математика за завршниот испит на полуматурантите во Србија, од печатницата во којашто работел.

Имено, според сознанијата на полицијата, Стаменковиќ еден ден пред да се пуштат тестовите во оптег, сокрил мобилен телефон во тоалетот од печатницата, за да не му го откријат при секојдневната проверка на влегување на работа.

Утредента, на денот на печатењето на тестовите, искористил куса пауза и го однел тестот во тоалетот каде го сликал со мобилниот телефон, а потоа му го испратил на својот син, инаку ученик во осмо одделение во ОУ ,,Караѓорѓе“ во Белград.

На таткото на полуматурантот му е одреден притвор, а му се заканува казна затвор до 8 години.

Таткото немал намера да го шири тестот, но неговиот син за да се пофали пред другарите, почнал да ја испраќа фотографијата со прашањата за тестот по математика, по што завршил на социјалните мрежи, а полуматурата беше одложена.

По ова имаше и протести на основците и нивните родители, но на крајот целиот испит со нови тестови се спроведе успешно.