Убиен осуденик при апсење кој фрлил бомба кон полициските сили

МВР соопшти денеска дека полицијата застрелала повеќекратен сторител на тешки кривични дела, бидејќи во моментот на неговото апсење тој фрлил бомба кон полицијата и почнал да бега.

По ова полициските сили отвориле оган кон него и го убиле на местото на настанот. ОЈО спровело истрага:

,,По сознанија за местото каде престојувало осудено лице кое е сторител на повеќе тешки кривични дела, денеска во раните утрински часови Министерството за внатрешни работи спроведе полициска акција за лишување од слобода на осуденото лице и негово спроведување во установа  за да ја издржува определената казна затвор . Лицето е осудено заради сторување на повеќе тешки кривични дела  и во досегашните акции за негово лишување од слобода пружал активен отпор со употреба на оружје.

При акцијата, осудениот фрлил бомба кон полициските сили, по што се дал во бегство.  При тоа  бил сторен обид од полицијата да го спречи во бегството, но осудениот одговорил повторно со употреба на огнено оружје кон полициските сили. Поради тоа, употребена е сила од страна на полицијата при што осуденото лице е лишено од живот.

Надлежен  јавен обвинител врши увид на лице место на настанот во село Ларце, тетовско, заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи,  специјална единица за брза интервенција и единица за специјални задачи, како и Одделот за антитерористичка заштита од Управата за безбедност и контраразузнавање.  Местото е обезбедено и се прибираат докази за кои претстои натамошно вештачење по дадени наредби од јавниот обвинител. Издадена и е Наредба за вршење на обдукција над починатиот“-стои во соопштението на ОЈО.

МВР објави детали од полициската акција:

,,Денеска (04.06.), во раните утрински часови, во село Ларце, тетовско, припадници на Министерството за внатрешни работи по претходно изготвен план, презедоа мерки и активности за лишување од слобода на Ј.Р. (38) од с.Ларце, кој што се барал по меѓународна и централни потерници за издржување вкупна казна затвор во траење од 26 години и 10 месеци. Имено се работи за лице против коешто во периодот од 2000 до 2016 година, до ОЈО Тетово и ОЈО Скопје се поднесени шест кривични пријави за сторени 16 тешки форми на кривични дела помеѓу кои кривични дела: “убиство“, “убиство во обид“, “грабнување“, “противправно лишување од слобода“, “недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“, како и кривични дела – “тешка кражба“, “разбојничка кражба“, “одземање на моторно возило “, “тешка телесна повреда“ и “учество во тепачка“.
Во периодот кога Ј.Р. се наоѓал во бегство, во четири наврати  од страна на полициски службеници направени се обиди истиот да се лиши од слобода, меѓутоа во сите случаи истиот пружил активен отпор со употреба на различни видови на оружје кон полициските службеници.
Со оглед на сознанијата и безбедносните проценки, дека Ј.Р.  претставува безбедносна и сериозна закана по животот на граѓаните и за полициските службеници, подготвен е посебен план за негово лишување од слобода и приведување. Денеска во  раните утрински часови, во куќата на Ј.Р. во селото Ларце, при преземање на мерки за негово лишување од слобода, тој фрлил рачна бомба кон полициските службеници, а потоа се дал во бегство, облечен во панцирен елек, вооружен со автоматска пушка со три рамки со куршуми за автоматска пушка, со карабин, пиштол марка ТТ 7.62 со рамка куршуми и четири рачни бомби. При повторниот обид за негово лишување од слобода на околу 200 метри од неговата куќа, лицето повторно отворило оган кон полициските службеници  пукало, притоа повторно обидувајќи се  да фрли и рачна бомба кон нив, по што е возвратено и лицето е лишено од живот.
На местото на настанот во тек е увид од Јавен обвинител од ОЈО Тетово, увидна екипа од СВР Тетово,  лекар по судска медицина и стручни служби од Министерството за внатрешни работи“-стои во соопштението на МВР.

Фото:Архива