Убиство и мафијашка престрелка во центарот на Белград

Рано изутрина во Белград на улицата 27 Март, пронајдено е безживотно тело на 33 годишен човек кој бил застрелан во главата. Телото е пронајдено на трамвајските шини, заради што сообраќајот во центарот на градот беше отежнат неколку часа, а трамваите воопшто не возеа на оваа линија.

Како што пренесуваат српските медиуми, најверојатно се работи за меѓусебна пресметка на дилери на дрога, бидејќи убиениот Властимир Милошевиќ од порано и е познат полицијата. Според некои очевидци, неколкумина со пиштоли го бркале низ околните улици, а потоа кога го стасале, го убиле од непосредна близина пукајќи му во глава. Дека се водела вистинска мафијашка војна на улиците на српскиот главен град, сведочат многубројните чаури од испукани куршими пронајдени наоколу. Телото лежеше неколку часа на шините дури траеше увидот, а телевизиите се вклучуваа во живо и известуваа, додека телото се гледаше во заднина.

На местото на настанот дошла сопругата на убиениот , по што телото на убиениот е пренесено на обдукција, а полицијата ја однела жената на сигурно место во близината, каде го продолжиле информативниот разговор со неа.

Убиениот често бил приведуван во полиција заради насилничко однесување и нанесување тешки телесни повреди, а припаѓал на криминална група која се занимава со препродажба на дрога.

 

Извор:агенции