Укинато екстерното тестирање

Парламентарното мнозинство во Собрание на РМ, со 64 гласови „за“ го укина екстерното тестирање. Пратениците ги донесоа измените на законите за основно и за средно образование и законот за наставници.

„Апсурдот беше што во свидетелствата на децата се пишуваа и единици, како оценки кои законски не се преодни. Но, најголеми контроверзи екстерното донесе во кариерата на наставниците. Доколку оценката на детето по некој предмет во голема мера се разликува од оценката на наставникот, тој влегува на црн список и ако тоа се случи две години по ред, тогаш наставникот ќе го загуби своето работно место. Директорот на училиштето ќе му даде отказ, поради незадоволнителни резултати од работењето“, стои во образложението за донесување на измените поднесени од пратеници на СДСМ.

Работата на Парламентот денеска го бојкотираат пратениците од опозицијата, заради, како што велат, обидот за убиство на Никола Тодоров.

Укинувањето на екстерното тестирање е првото ветување на СДСМ исполнето во првиот работен ден на новата Влада.

Екстерното тестирање  требаше да се одржи  на 5 јуни.