Непознати сторители изминатава ноќ украле девет украсни садници од јавното зеленило пред Поликлиниката „Чаир“ кои екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ги засадија во текот на вчерашниот ден. Со кражбата е причинета материјална штета, а претходно уреденото зеленило на локацијата е изгазено и уништено. Инцидентот е пријавен во полиција.

Вака изгледаше зеленилото засадено вчера пред Поликлиника ,,Чаир“

Екипите на Градот Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве се на терен во сите скопски општини и засадуваат нови зимзелени и листопадни дрвца за да ги обноват уништените дрвореди по должината на градските улици и булевари и за да подигнат нови. Во оваа есенска акција за засадување дрвја, на местото на украдените садници пред Поликлиниката „Чаир“ ќе бидат засадени нови садници, велат од Град Скопје.

,,Засадувањето дрвја е приоритет на Градот Скопје како влог за чиста и здрава животна средина. Скопје и скопјани заслужуваат да имаат убаво уредени зелени површини. Поради тоа, Градот Скопје апелира до граѓаните да ги чуваат дрвјата и другото зеленило на јавните зелени површини и да придонесат за почиста и поздрава животна средина“-апелираат од Град Скопје.

И овојпат не се спомнува предупредување дека ваквото однесување ќе биде строго казнувано и санкционирано.

Ако.мк