Управен суд до утре вечер ќе донесе одлука по тужбите на партиите

Во законскиот рок, вчера вечерта тужби до Управен суд поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Беса објави дека намера да поднесе тужба за ниту еден приговор, бидејќи се сомнева дека судиите можат да донесат квалитетна одлука.

Тужбата на ВМРО ДПМНЕ се однесува на прифатениот приговор од стрсна На ДИК од Беса кој се однесува на гласање за друг на гласачко место бр. 0396/1, во општина Гостивар, изборна единица 6.

За ВМРО-ДПМНЕ ова е незаконска одлука на ДИК и директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на коалицијата За подобра Македонија и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ. Претходно, ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да почитува одлуки на ниту една државна институција, кои нема да ја изразуваат јасно искажаната волја на граѓаните на изборите на 11 декември, а Никола Груевски јавно им се закани на судиите од Управен суд дека не смеат да работат под притисок и да не ја прекројуваат волјата на граѓаните, притоа самиот вршејќи скандалозен притисок врз нив. Тој исто така кажа дека ВМРО ДПМНЕ нема да учествува во изборен процес доколку се потврди одлуката на ДИК за прегласување.

СДСМ најави дека поднеле четири тужби до Управниот суд што се однесуваат на гласањето во избирачки места во изборната единица 6. Управниот суд е должен да ги земе предвид сите основани аргументи во тужбите, изјави портпаролот на партијата Петре Шилегов. И СДСМ не е задоволна од работата на ДИК затоа што според нив, тие не одговориле на сериозната задача за целосна заштита на изборниот процес во делот на одлучувањето по приговорите.

ДИК прифати само еден приговор на Беса и го поништи гласањето на едно избирачко место во Гостивар каде што друго лице се потпишало на местото на Фатиме Сулејмани, што беше констатирано и од официјален графолог. Евентуалното прегласување на ова избирачко место, 0396/1 во Гостивар, може да госмени бројот на освоени пратенички места меѓу ВМРО-ДПМНЕ 51) и СДСМ (49), односно резултатот може да биде и 50:50.

Пет судии од Управниот суд, избрани по пат на ждрепка, во рок од 48 часа, до утре вечер, на јавна седница треба да одлучат по тужбите што ги поднесоа ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Одлуките на Управниот суд се конечни.