Утре Влахов Мицов ќе се закити со државна награда

 

Еден од основачите и член на групата ,,Македонски манифест” Стефан Влахов Мицов, во очи државниот празник 23 Октомври, за многумина Ден на ВМРО, ќе биде закитен со наградата со исто име заради посебни достигнувања во науката и образованието.

Ова е образложението во одлуката што е објавена на сајтот на Министерство за култура.

Вака одлучил Одборот за доделување државна награда 23 Октомври на чие чело е академик Вера Битракова- Грозданова.

Како што веќе пишуваше Актуелно, во најмала рака оваа награда е изненадувачка, бидејќи Влахов Мицов неодамна доби негативна рецензија за научен труд доставен од него за предвремен избор во научно звање во Институт за национална историја.

Проф.д-р Катерина Тодороска редовен професор и научен советник во Институт за национална историја при УКИМ, како еден од тројцата членови во комисијата именувана од Совет на јавната установа ИНИ, даде негативна рецензија за научниот труд на Мицов, по што на жалба од авторот таа доби решение од Комисијата за заштита од дискриминација дека извршила тежок облик на дискриминација како член на рецензентска комисија за оцена на научни трудови подготвени за предвремен избор во научно звање.

Тогаш Проф. д-р Тодороска за Актуелно изјави ,,После неколкумесечен напор да се прочитаат писанијата на Стефан Влахов Мицов, а согласно законските прописи констатирав дека во неговите трудови нема ниту значајни постигања, ниту оригинални достигнувања во историската наука, туку дека се работи за компилација која ни од далеку не е наука, а уште помалку историографија”.

Во меѓувреме, Советот на ИНИ, веднаш по прогласувањето на Проф. д-р Тодороска за дискриминатор, избрал нова Комисија за избор во звање, во чиј состав влегле Проф.д-р Ванчо Горгиев од Филозофски факултет-Институт за историја, Проф.д-р Миле Бошкоски од Институт за национална историја и Проф.д-р Ѓорѓи Малковски исто од ИНИ, поранешен член на Лустрациска комисија. Тие експресно му напишале позитивна рецензија на Стефан Влахов Мицов објавена во Билтенот на УКИМ на 14.10.2016 година.

Влахов Мицов на македонската историска и политичка сцена ,,блесна” пред десетина години, кога како штитеник на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски, беше претставуван како дисидент дојден од Бугарија, прогонуван од тамошната власт, наводно заради неговата борба за македонското прашање. Сега, тој е член на неформалната група Македонски манифест и жестоко ја брани актуелната владејачка партија ВМРО ДПМНЕ.

Неформалната група ,,Македонски манифест”, во која покрај Влахов Мицов, членуваат и Ефтим Клетников, Александар Русјаков, Запро Запров и други, главно даваа поддршка на политиките на ВМРО ДПМНЕ, а истапуваа со исклучително негативна критика за соседна Грција. Бараа ревизија на Букурешкиот договор и прекинување на преговорите за името со Грција.