Училиштето не е само за оценки

Пишува:проф.д-р Катерина Тодороска

            Многупати размислувам за влијанието на традицијата во обликувањето на некоја нација, а напати и сум пишувала за тоа. Колку за потсетување мојот текст „Итарпејовци“ е еден од моите обиди да го разбуричкам вашиот став кон нашиот однос кон традицијата.

            За да биде појасен овој мој текст, ќе започнам повторно со нашата традиција, а за тоа ќе се послужам со една песна чие потекло не го знам.

            Песната се вика „Една мома с мајка е“, а јас ја најдов во четири препеви и варијации.

Накусо, една од изведбите е на Елена Велевска во која се пее: „Една мома с мајка е ми отишла на пазар да купи сандали, една мома с мајка е грабнала сандали, сандали без пари. БЛАЗЕ си на така мома што си носи сандали, сандали без пари“. Во следните строфи „момата с мајка е“ грабнала фустанче без пари, па капела без пари и секако, БЛАЗЕ ѝ што си ги носи без пари.

Во друга верзија во интерпретација на Мирко Митревски се пее дека една мома с мајка је ми отишла на пазар да си купи ама грабнала без пари сандали, фстанче, капела. И секако, БЛАЗЕ ѝ што си ги носи без пари. Арно ама во оваа веризја „момата с мајка је ми отишла на пазар да си бара ергенче. Една мома с мајка је си заљуби ергенче, ергенче убаво. Блазе си на таа мома што си љуби ергенче, ергенче убаво“. Иако улогата на мајката во случајов не ми е јасна, оваа верзија на песната си обезбедила солидна застапеност во репертоарот на свадбените веселби.

Следната варијанта е во изведба на една група РЕСЕНЧАНИ кои пеат „Една мома с мајка е грабнала е чорапи, чорапи без пари. Ашколсун на таа мома што си носи чорапи, чорапи без пари. Потоа следи грабнувањето на сандали, па капела и се разбира, ашколсун. Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик ашколсун е извик со значење прекрасно! (изв.) , одлично! (изв.) , браво (изв.). Следствено на тоа, она ашколсун од песната значи дека е прекрасно, одлично, браво што момата си носи чорапи, сандали, капела без пари. Во оваа варијанта момата не оди на пазар, туку само граба.

Последната изведба е на Цветанка Ласкова, а во нејзината верзија „една мома с мајка е ми отишла на пазар, грабнала сандали“, па чорапи, па фустанче, да дури и герданче, па капела. Овде момата дури не отишла на пазар да купи, туку да грабне. Епилогот е ист „блазе си на таа мома што си ги носи без пари“.

На времето, кога УЧЕВ основно и средно на часовите по македонски јазик задолжително обработувавме текстови и стихотворби, а едно од прашањата секогаш беше: „Што сакал да каже писателот или поетот со напишаното“?

Јас тоа го сфаќав како поттик да се размислува за секој напишан збор, но и за пораката која треба да ја научиме од на меѓу редовите.

И да се вратам на тоа што сакал да каже авторот на стиховите од песната „Една мома с мајка е“.  Можеби вашето разбирање во врска со оваа песна е различно од моето, ама јас сакам да ви го кажам моето. Нема да ги разглобувам поединечно сите варијанти, туку ќе се задржам на главните точки.

Тргнувам од непознаницата, туку претпоставката дека песната е од време кога момата оди на пазар со мајка ѝ за да ги научи вештините на договарањето или „ценкањето“ при пазарењето, потоа затоа што во некое тогашно време било пристојно момата да биде во придружба на мајка си, за да се заштити од озборувања дека „погледнала“ на страна, за да не ѝ „извадат“ муабет оти сама шета по пазари итн. итн. И секако, очекувано е дека мајка ѝ треба да биде онаа која треба да ја научи дека треба да се купи и не смее да се „грабне“ нештото, бидејќи тоа е КРАДЕЊЕ. И така, криминалниот дел од дејството во кое истата мома во придружба на мајка си, КРАДЕ сенешто, а момата не е прекорена за КРАЖБАТА. Ниту од мајка си, ниту од задолжените за санкционирање на кражбите. И така, момата еднаш си КРАДЕ чорапи, капела, герданче… Но, во сите варијанти момата наместо прекор, добива пофалба за украденото. Блазе ѝ, ашколсун или прекрасно, одлично, браво што си носи УКРАДЕНИ нешта.

            Според моето разбирање, авторот на текстот сакал да каже „КРАДИ и ГОРДЕЈ се со украденото“ оти мама и сите други ќе ти заблазнуваат што си накитен/а со незаслужено.

            Зошто го пишувам ова?

            Подолго време читам сѐ и сешто околу дилемата дали училишната година треба да започне на 1 септември или да се „продолжи“ со настава по интернет. Моето мислење, базирано на родителство на четири деца и моето 33 годишно работно искуство е дека децата МОРА да се вратат во училиштата на 1 Септември 2020 год. и да посетуваат редовна настава. За организиацијата на наставата нека си мислат оние кои ги плаќаме за тоа.

            Еве ги моите аргументи за искажаниот став.

            Кон крајот на јануари и во февруари 2020 год. во училиштата одеа по 10-тина деца во одделение. И никому ништо. Неколкумина од нас, пишувавме по социјалните мрежи дека нешто се случува во училиштата, ама немаше слух кај најповиканите да се позанимаваат со епидемијата која и тогаш постоеше. Никој од нас не ја нарекуваше КОРОНА, ама сите што прележавме знаевме дека е многу потешка од обичен грип. Тогаш, не се пишуваа и потпишуваа петиции за затворање на училиштата или за интернет настава. Напротив, сѐ беше „нормално“. Така што, мислам дека многу од нашите деца веќе се природно имунизирани.

            Друга приказна се оние „часови по интернет“ кои беа катастрофа. Многумина од родителите останаа затекнати од потребата да бидат и учители на своите деца, дел од нив да пишуваат домашни во име на децата, децата беа лишени од можноста да бидат усно испрашани итн.итн. Дури сведочев и на еден регионален натпревар по математика на интернет. За возврат на неподготвеноста и конфузноста на таа интернет настава, набрзина „склепана“ по препораките на Министерството за образование и наука, децата т.е. родителите добија незаслужени петки. Така што, целта беше постигната. МОН се „извлече“ од неспособноста и неажурноста компензирајќи со наплив од ГРАБНАТИ петки.

Најважниот дел од одењето во училиште за децата е дружењето со своите врсници.

Сите сме поминале основно и средно училиште каде сме ги стекнале најдобрите другари. Тоа не е другарство од интерес, другарство од потреба за направена или возвратена услуга. Тоа е ДРУГАРСТВО за навек. Другиот дел од дружењето е емотивната зрелост или периодот на симпатии и детски љубови. Секако, тука се и разочарувањата и емотивните битки во секое дете, кои според психолозите, е здраво да ги помине. Нешто што вашата интернет настава за основци и средношколци никако не може да го надомести.

Улогата на учителот, во сите стадиуми на образование, исто така е незаменлива компонента од едукацијата на децата. Некои се построги, некои се попопустливи, некои бараат повеќе знаење за соодветна оцена, некои помалку. Но, учителот е оној кој од нашите дека моделира иден граѓанин на ова општество. Секако, и ние како родители сме различни, ама станавме инспектори на работата на учителите. Оти ние сѐ знаеме, па ако детето се пожали за некоја ситуација ние знаеме да ја „надуваме“ до балон пред пукање. И така, детето учи дека учителот е оној кој ќе биде поразен од тате и мама во секоја ситуација. Тоа се вика ПОРАЗ на образованието.

Пред некое време, прочитав во пост на ФБ вакво нешто. Парафразирано, „ниту нашите деца се како што сме биле ние, ниту ние сме родители какви што беа нашите“. И тоа е голема вистина. Ние сме се поставиле како суперзаштитници на децата без да им оставиме простор да се калат во текот на образованието и секојдневието.

Знам, за сѐ имате одговор па и за напишаново, ова сепак се само мои ставови.

Нашето билошко време, како родители, незапирливо граби напред. А кога биолошкиот часовник ќе ни отчука треба да знаеме дека зад себе сме оставиле потомци кои ќе знаат дека на пазар не треба да се ГРАБНЕ туку купи, не треба да се перчат со УКРАДЕНИ нешта.

Зборот ми е дека не е убаво на нашите деца да им кажуваме АШКОЛСУН за УКРАДЕНИ петки без знаење, грабнати со мижење и помош на мама и тате. Независно од тоа, колку сте љубители на песната „Една мома с мајка е“.

Така што, училиштето не е само за оценки.