Фамилијарни бизниси и политички врски

Кој е сопственик на елитните куќи и имоти на Водно што ги фотографираше истражителот на СЈО? Серјожа Марков, адвокат  чија адвокатска канцеларија ,,Марков и Чукиќ” има склучено договори за милионски суми за адвокатски услуги на државни институции и јавни претпријатиоја, сега излегува на површина како еден од сопствениците. Зошто министерот Спасовски го спомнуваше името на Мијалков, и кој всушност е вклучен во големиот грабеж на Македонија, допрва ќе излегува на видело.

Емисијата 360 степени на Алсат М открива дел од мрежата.

Фирми од бизнис орбитата околу ВМРО-ДПМНЕ се сопственици на двете идентични згради на Водно што ги фотографираше истражител на СЈО како место во кое, според изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, живее екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, открива „360 Степени“, по увидот во официјалните документи од Катастарот и Централниот регистар. Станува збор за две парцели поделени во три имотни листови.

Едната фирма сопственик се вика „Бизнис Проперти Инвестмент“ од Скопје. Според податоците во Централниот регистар, нејзин сопственик е Серјожа Марков (брат на сопругата на Иво Котевски), а фирмата е основана пред околу пет месеци (во мај 2016 година). Марков е познат адвокат и ко-сопственик на една од најангажираните адвокатски канцеларии во последните години во Скопје – „Марков и Чукиќ“. Меѓу другото, преку нив одеше купопродажбата на парцелите на плоштадот Македонија од државата на грчкиот бизнисмен Кондоминас. Тие парцели подоцна завршија кај рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Втората фирма сопственик на зградите е добропознатата „Ексико“. Кој е газда на оваа компанија не е познато. Нејзиното сопствеништво е скриено надвор од земјава, во Лугано, Швајцарија. Тамошните закони овозможуваат да биде сокриен идентитетот на вистинските сопственици. Познат е само нејзиниот управител во Македонија, Тодор Мирчевски. Мирчевски, пак, е управител и во редица други фирми во земјава, кои јавно е познато дека се сопственост или ко-сопственост на бизнисменот Орце Камчев. Најголемиот агрокомбинат во земјава „Пелагонија“, градежната компанија „Бетон Штип“, „Жито Полог“, се само дел од компаниите кои директно се поврзани со „Ексико“ или Мирчевски.

Фирмата „Ексико“ се јавува како сопственик и на други парцели и објекти во околината на двете згради кои сега се предмет на јавен интерес. Поголем дел од околниот станбен простор, освен на „Ексико“ и на Серјожа Марков, е во сопственост на фирми на Камчев, Александар Ивановски-Теранова и во помал обем на претседателот на кошаркарската федерација и екс-пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Наумовски.

Интересно е и тоа што двете згради, според Катастарот, не се станбени објекти туку згради со намена А4 што значи времено сместување – престојувалиште, мотел, хотел, хостел, камп или слично. Но, и покрај силното обезбедување пред објектите и знаците дека таму живее некој многу важен, во Катастарот е запишано право само на еден станар кој таму изнајмил стан на една година. Кираџијата е странец – Полјак, кој патем е еден од директорите во новоизградениот хотел на плошадот Македонија, „Мериот“. Просторот што го изнајмил е само 78 м2, а во двете згради имаат над квадратура над 1500 м2.