ФАТА Е ВИНОВНА

 

Од проф.д-р Катерина Тодороска

 

 

Пред извесно време, „чистејќи го својот компјутер наидов на еден мој стар текст од 2007 година, кој беше објавен во тогашниот „Дневник“. Прочитајте го, па ќе ви пишам и две реакции во врска со него. Напомнувам дека мојот првичен наслов беше сменет во „На ниски гранки“, а овде е онака како што треба.

Повелете.

 

Стела е гуска!!!

 

,,  Писмово го пишувам со верба дека барем на овој начин ќе допрат нашите проблеми до Вас. Станува збор за проблемите во историската наука, а не се сомневам дека иста е состојбата и со научните работници од другите научни дисциплини.

Факт е дека многупати е зборувано за тоа дека историјата и историчарите ги нема никаде кога станува збор за суштествени проблеми во врска со дневнополитичките настани во македонската држава. Меѓутоа, факт е и тоа дека ставот на историчарите е сосема игнориран, а тоа започна од периодот кога беше укинато Министерството за наука и припоено кон Министерството за образование.

За жал, не се најде никој потоа да се праша дали таквата постапка беше оправдана или не, дали има последици по македонската наука, дали со тоа му се затвораат можностите на македонското научно лоби и дали некој треба да сноси одговорност за неодговорниот акт?

И сето тоа до ден денешен.

Писмово го пишувам пред мојот втор настап на меѓународна конференција оваа 2007 година.

Првата конференција беше во Унгарија на 30-31 март. Таму учествувавме двајца Македонци (јас и д-р Чепреганов), а имаше учесници од Ирска, Англија, САД, Франција, Италија, Германија итн. итн. Со скромност ќе кажам дека нашите презентации беа комплетно изненадување и освежување за присутните колеги, бидејќи за Македонија претежно го знаат она што им се сервира на Интернет или меѓународни конференции каде, за жал, македонската наука од финансиски причини, нема пристап.

Втората конференција треба да се одржа во Полска на 22-23 мај 2007. И таму треба да учествувавме десетина научни работници од т.н. национални Институти, со наши трудови, чија вредност ја оценуваат еминентни имиња од светот на историската наука.

За жал, ниту учеството на едната, ниту на другата конференција не ја забележа никој, освен нашите семејства. Имено, подготовката на трудовите ни одзеде драгоцено време бидејќи претставувањето на сопствената држава на меѓународна научна конференција не е наивна работа. Потоа, средствата за патувањата до таму и назад паднаа на наша сметка, бидејќи ние, и покрај тоа што патувањата беа најавени пет месеци однапред, не успеавме да добиеме финансии за пат. Нашите трудови не можеме да ги презентираме во Македонија бидејќи немаме средства за печатење на книги, немаме проекти итн.

За овие нешта поразговаравме и со одговорните за секторот наука при Министерството за образование и наука. Иако ни кажаа дека се обраќаме на вистинското место и дека засега нема изгледи за промена на ситуацијата, сепак не сослушаа и пред нив, небаре на исповед, си дадовме одишка на душата.

И сега ќе Ви кажам што ме наведе да го напишам ова писмо.

Фала му на Бога имам три деца, кои ми се најголемата радост во животот. Едното од нив има три години и е мој лексилиум. Во времето што го поминува дома, покрај другото, гледа цртани на ДВД. Се разбира, нешто од тоа ѕирнуваме и ние. Меѓу другите цртани има еден за поштар – куче Балто, во кој покрај другите животни, се појавува и една гуска-преселница Стела.

Токму за тој цртан филм станува збор.

Имено, во времето кога јас го подготвував материјалот за Унгарија на вестите на телевизија слушав како Каролина се подготвува за настапот на Евровизија во Финска, како има вакви спонзори, такви стилисти, почнала да го снима спотот за песната…. Боже, Боже. Сега, додека го работев соопштението за Полска слушнав, внимавајте, ПРВА ВЕСТ на вести: Каролина влезе во финале. Да не биде бељата поголема во финалето ни таа не беше ништо подобра од многуте што досега не претставувале на Евровизија. Меѓутоа, големата вест беше дека МРТ и МНР ќе вложат протест затоа што при гласањето сме биле нарекувани ФИРОМ од некои држави. Небаре Македонија и МНР немаат поважна работа отколку да тропаат по свадба тапани.

Слушајќи ги сите тие небулози, го покрив лицето со дланките и со сета горчина во душата процедив низ заби: Ех, Катерино, гуско една! И ти некаде ќе ја претставуваш Македонија.

На таквата моја искреност моето лексилиумче ги ококори очите и изненадено изусти: Мамо, не ти, туку Стела е гуска.“

 

На текстот тогаш реагираа многумина, некои  ме кудеа, некои ме фалеа, но никој не ми помогна ваквата положба да ја смениме. Напротив. Клиентелизмот си го стори своето. Меѓу другите коментари имаше еден дека не сум смеела да се поистоветам со гуска. На тоа одговорив дека јас дури ни со гуска не можам да се поистоветам оти и таа е Стела, веќе има свое име. Јас да сум ти била отпадник од „лукавите“, ама тоа денес го знам. Втората реакција беше дека јас не можам да бидам позната или „важна“ како Каролина бидејќи не сум избрала професија која ќе ми овозможи да бидам „славна“. А не дека не можев минативе 30 години.

 

И назад во денешницава.

Денес состојбата во науката, барем оние националните, е дупло-тродупло полоша.

Сепак, моево писание го поттикна пишувањето на една моја колешка, чие име е многу важно за приказнава. Но, за да ја развијам ми требаат уште неколку документи. Затоа ќе се задржам само на есенцијалното во една нејзина ФБ објава по повод реакциите околу изјавата на Фатиме Фетаи. Во неа се вели: „ јас како дамава од линков, во време на “најголема сиромаштија“, не можам да си дозволам таков „лајфстајл“, „лук“ и „мејкап“, а да имам како нејзините наочари за сонце можам само уште да продолжам да СОНУВАМ! Како тоа и успеа? Некои прашања заслужуваат одговор!“

Се сложувам дека некои прашања заслужуваат одговор, па еве јас со мојот скромен придонес, ќе се обидам да и помогнам да си најде некој одговор.

Секој од нас има своја лична историја, а впрочем не е непозната е синтагмата „животот пишува романи“. Така и мојата колешка и јас имаме своја приватна историја, која секако, придонела да бидеме тоа што сме. Наш бил животниот избор и патеката по која ќе се развиваме. Како и колку од тоа ќе можеме да ги оствариме нашите сништа, или постојано само ќе СОНУВАМЕ не е прашање на другиот, туку наше. За негово решавање нималку не е виновна Фата, како што стои во некои од одговорите  на објавата.

Почитувана колешке, нашата работа е да ја истражуваме македонската историја, етнологија, јазик, музика. Секако, за тоа се потребни средства кои треба НАМ да ни ги обезбедат оние кои се нафатиле на работа за која ПОИМ немаат. Секако, мислам на последните 5-6 министри за образование и наука. Со функцијата која говорите дека ја имате, а секако не е за потценување, сте можеле да го „откорнете“ министерот во МОН (кој и да е), и да обезбедите плата од 1.500 ЕУ за вработените, како на Косово, или по 1.200 ЕУ како во Албанија. Тогаш, сигурно Фата и нејзината приказна немаше да бидат пречка да ги остварите СНИШТАТА. Исто така, бездруго си можела да кренеш глас и по сите медиуми да обзнаниш дека МОН нема доделено проекти од 2010 година. Па јас ќе те поддржев со дело од мојата лична историја, со фактот дека проетот „Македонците во Албанија 1912-1991“, предаден во 2012 година до ден денес не ми е платен, а за кој се уште се тужам со МОН и ИНИ. Да продолжам со мојата  лична најнова историја?

Ај, другпат.

И…фала му на Бога, сега имам четири деца.

 

АКО.мк