Фатени крадци на тркала од автомобили

Полицијата откри организирана група кој крадела тркала од автомобили, а потоа ги препродавале на нелегални вулканизерски сервиси. Крадците оперирале на подрачјето на Аеродром, Центар и Карпош.

Во полициското соопштение се дава детален опис како се извршувале кражбите:

СВР-Скопје, до надлежното ОЈО Скопје, поднесе кривична пријава против лицата А.А. (24), Б.Г. (29), Д.М. (30) и Ш.Б. (48) поради основано сомнение дека извршиле четири кривични дела и тоа три – “тешка кражба“ предвидено и казниво по чл.236 од КЗ на РМ и едно кривично дело – “прикривање“ предвидено и казниво по чл.261 од КЗ на РМ, при што се здобиле со противправна имотна корист од околу 100.000 денари.

Од страна на судија на претходна постапка на Б.Г. изречена му е мерка притвор во траење од 8 дена, а додека на останатите три лица одредена им е мерка на претпазливост – одземање патна исправа и задолжително еднаш неделно јавување во суд.

Горепријавените, кривичните дела ги извршиле на подрачјата на Аеродром, Центар и Карпош на тој начин што со ПМВ марка “Фолксваген Поло“, со скопски регистарски таблички сопственост на првопријавениот А.А. се упатувале кон одредена улица, поточно во подземните гаражи во зградите. Откако ќе се увереле дека нема да бидат забележани од никого, со употреба на погоден алат најпрво ги подигале паркираните возила, потоа ги демонтирале сите четири тркала (комплет фелни, гуми и раткапни) и возилото го спуштале на земја. Украдените тркала ги товарале во ПМВ Поло и незбележани го напуштале лице место упатувајќи се во непознат правец.

Од страна на Полициските службеници од ОИД МД Центар и Бит Пазар преземени се мерки и активности при што било дојдено до сознание дека можни сторители на погоренаведените кривични дела, се сега пријавените А.А., Б.Г. и Д.М. и за таа цел од страна на судија на претходна постапка прибавена е наредба за претрес на дом и други простории.

Од извршениот претрес во домот на А.А. пронајдени се поголема количина на комплет алуминиумски фелни со гуми разни марки, од разни типови на возила, при што истиот е лишен од слобода. Исто така извршен е преглед и во ПМВ “Поло“ кое е во негова сопственост при што пронајдени се и одземени две дигалки за возила, еден клуч за тркала бр. 17, еден клуч за тркала во форма на крст, два пара ракавици и една батериска ламба, предмети со кои ги извршувале кривичните дела.

Во просториите на ПС ОН Центар извршен е разговор со првопријавениот каде истиот во целост ги појаснил начините на кои ги извршувале кривичните дела. Дел од украдените предмети ги продале на четвротпријавениот Ш.Б. кој поседувал нелегален вулканизерски сервис во нас.Ѓорче Петров 2.

Исто така извршен е претрес и кај второпријавениот Б.Г. при што пронајден е еден пиштол марка Екол Фират Магнум кој е даден на вештачење на ОКТИВ при МВР на РМ, а лицето е лишено од слобода. Во разговорот , истиот во целост ги појаснил извршувањата на кривични дела како и други исти кривични дела извршени на подрачјето на град Скопје и дека дел од предметите му ги продале на четвртопријавениот .

На 03.02.2017 година била распишана телеграма за локален распис за лице, за третопријавениот Д.М., по што во текот на денот истиот бил лишен од слобода и приведен во ПС ОН Центар каде што е обавен разговор, во кој во целост гo признал и го појаснил начинот на извршување на кривичните дела. Исто така во просториите на ПС ОН Центар повикан е и четвртопријавениот Ш.Б. со кој е извршен разговор по што и од него се одземени дел од украдените предмети.

Од страна на Полициските службеници од ОИД МД Центар и Бит Пазар и понатаму се превземаат мерки и активности со цел пронаоѓање на предмети кои потекнуваат од овој вид на сторени кривични дела, како и предметите кои се одземени со потврда од пријавените за кои не се пронајдени оштетени, со цел истите да им бидат вратени.