Фатиме Фетаи -од жена која носела димии, до непоколеблива обвинителка во борба со криминалот

Фатиме Фетаи обвинителка во тимот на СЈО  ја раскажа својата животна приказна на непоколеблива желба за успех . Таа со гордост зборуваше за својот живот и професионален пат – од живот  во конзервативна средина во гостиварското село Неготино до успехот на професионален план како една од најпопуларните и најцврстите жени на денешницата во својата професија.

Многу битно е , а можеби и пресудно тешкотиите со кои се соочуваат жените да ги третираат како предност, а не како отежнувачка околност-им порача на жените  Фетаи.

Таа рече дека се надева дека нејзината лична приказна ќе им помогне на младите жени, особено на оние жени кои доаѓаат од помали и поконзервативни средини од каква и таа потекнува.

,,Родена сум како трето дете во бракот меѓу Смиљана и Нафим.  Првото е машко, се разбира, второто е сигурно женско, анализирајќи го третото повеќе потсетува на првото. Во село Неготино гостиварско го поминав детскиот живот и основното образование, а  средношколските денови во село Боговиње тетовско, таму всушност созреав бидејќи се вљубив во едни сини очи, стапив во брак на седумнаесет години, кој се уште е брак и во правна и во фактичка смисла, а и бојата на очи е иста, се уште. Сепак, иако одбрав многу млада да стапам во брак, цврсто бев убедена дека поседувам потенцијал, да бидам свој човек и на професионален и на личен план. Бев свесна со какви потешкотии ќе се соочам имајќи ја предвид средината во којашто израснав, свесна дека моите родители потекнуваат од работничко семејство, и освен нивната максимална психичка поддршка, немав никаков ветер во грб. Меѓутоа и тогаш како и сега, бев цврсто уверена дека нема да отстапам по било која цена и дека некогаш ќе оставам некаква трага во општеството од професионален аспект. Можеби ова беа преголеми амбиции, меѓутоа таква сум по природа и лично сметам дека човек што нема амбиции не може да има успех на професионален план. Какви што беа приликите во опкружувањето во кое станав сопруга или невеста , како што викаат кај нас, мојот брачен живот започна со носење на традиционална облека, димии ако сте слушнале, со бакнување рака на возрасните жени, некако ,,сериозно“ ја започнав кариерата на домаќинка, но исто така без калкулации, но сепак, брзо се ,,предадов“ заради напред наведените причини. Животот по кој копнеев како дете, живот на една млада образована жена, успешна жена со семјество кое ќе стои зад неа, ми беше врвен идеал. Одлучив јас да го водам животот, а не тој мене. Всушност, сакав да си покажам , но и на другите, дека една жена во една таква прилично конзервативна средина , во која во тој период управувањето со возило или носењето очила за сонце  се сметаше како грев, дури и во една таква средина, кога има чиста желба, мисла, трудољубивост, освен небото, не постои друга граница да ја спречи во нејзината намера. Се запишав на Правен факултет во Скопје, се роди мојот прв син, но и тоа ми беше темпирано за да можам да започнам со волонтирање. Ми беше тешко , но имав голема помош од мајката на мојот сопруг. Често се случуваше ноќе да учам на светло од телевизорот, за да не ги разбудам мојот сопруг и детето. По завршувањето на факултетот волонтирав во Основен суд во Тетово, а на 26 годишна возраст ме избраа за јавен обвинител , а подоцна како избор на една силна и храбра жена госпоѓата Јанева, станав дел од тимот во една битка која е најголема правна битка веројатно во историјата на Македонија“-изјави Фатиме Фетаи пред млади жени на кои им порача:

,,Не треба да се трудиме да бидеме подобри од другите, секогаш треба да се трудиме да бидеме најдобрата верзија од себеси“.

Настанот на кој се обрати обвинителката Фатиме Фетаи беше во организација на Democracy Lab, а темата ,, Жените во јавниот живот“.