ФБ страниците на Влада и на Претседател на РСМ преполни со говор на омраза против ЛГБТ заедницата

,,Парадата на гордоста во Северна Македонија „Skopje Pride“ е голем чекор напред во борбата за еднаквост и повеќе права на ЛГБТИ заедницата во државата. 🏳️‍🌈

Ние како Влада ги сменивме законите, направивме ратификација на Истанбулската конвенција, поддржавме услуги за заштита и сето тоа за само две години. Знаете зошто? Затоа што веруваме во општество коешто е еднакво, општество кое дава шанса за секој еден“, истакна министерката Мила Царовска во своето обраќање пред присутните на првата Парада на гордоста во Скопје.

Но, под оваа објава на овој линк facebook.com/VladaMK/ , може да се најдат ретки коментари со поддршка, коментари во кои ја обвинуваат владата за дискриминација бидејќи ја поддржала Парадата на гордоста, но не и маршот за семејните вредности, многу повеќе коментари со говор на омраза.

На пример на ФБ страницата на Влада на РСМ може да се најдат коментари во кои се споменуваат ,,хитлерова инјекција“, ЛГБТ заедницата се нарекува ,,болно племе“, министерките Царовска и Шекеринска се ,,благословуваат“ да си дочекаат на децата и слично.

Истото се случува и со ФБ страницата на Претседател на РСМ.

,, Секој ден имаме можност да избереме како ќе помогнеме за поголема еднаквост за секој од нас, борбата за повеќе права нема да престане се додека имаме дискриминација. Прифаќањето почнува од секој од нас, не со грандиозни дела туку со секојдневни мали чекори преку кои ќе прифатиме дека мораме и треба да живееме едни со други. Независно кои сме и од каде доаѓаме, во општеството треба да направиме простор за секој од нас, а сексуалната ориентација и родовиот идентитет не смеат да бидат основа за дискриминација“-напиша Пендаровски.

Коментарите и на оваа Фб страница www.facebook.com/SPendarovski/ , се објавуваат без претходен филтер, па секој може да напише што сака и да шири говор на омраза без никаков лимит.

Вчерашната прва Парада на гордоста помина без инциденти.

По нејзиното завршување на матка нападнати се припадници на ЛГБТ заедниците од Албанија и Босна и Херцеговина, кои присуствувале на парадата, а биле во туристичка обиколка со својот домаќин од Скопје.